| Македонската дијаспора против промена на уставното име |
|
|
|
Како што изјави Методија Колоски, претседател на Обединета македонска дијаспора, повеќето од нив потврдиле дека нема да го поддржат грчкиот став и евентуално ќе поддржат група на пријателство во конгресот, која е сега во формирање. Членот на оваа организација Зак Миленковски, иселеник во Австралија, потенцира дека таа поддржува државата да го зачува уставното име. Дијаспората во Австралија не сака додавки и некои префикси на нашето име: „Ние сме Македонци и ќе останеме Македонци. Ова ни е татковината и сакаме така да остане“. Шефот на државата Бранко Црвенковски прими делегација на децата бегалци од Егејска Македонија, на која тие од него добиле целосна поддршка за барањата за враќање на имотите во Грција. А во селото Овчарани, Леринско, е прославен Илинден односно Свети Илија. Настапи Ансамблот за народни песни и ора „Танец“, чии членови од страна на грчките погранични власти беа третирани како ситни криминалци на граничниот премин Меџитлија. Ората „Повардарие“, „Тресеница“ и други карактеристични за Македонците, предизвикаа воодушевување, нескриена радост, а единствен обид да се наруши прославата беше емитувањето преку силно озвучување, поставено во близина на бината каде што настапи ансамблот, на типично традиционални националистички песни коишто се користат кога т.н. грчки патриоти сакаат да ги нападнат Македонците и другите коишто живеат во Грција, а кои ги бараат своите основни човекови права. Го бележиме и „добрососедскиот“ однос на Данајската република спрема македонските новинари. Здружението на новинарите на Македонија и упати најостар протест на Атина во врска со спречувањето на македонските новинари слободно да патуваат и да известуваат од нивната земја. „Новинарите викендов не се пуштени да известуваат од настан во Република Грција и при тоа биле претресувани. Никакво оправдување не може да биде тоа што на новинарите им е дозволено да влезат приватно во Грција, откако ќе ја остават опремата. Колевката на демократијата не смее да се плаши од информирањето и да допушта само строго контролирани и информации кои се само по волја на властите во Грција. Грчките новинари секогаш во голем број и слободно можеле да присуствуваат на кој било настан во Република Македонија“, се вели во протестот на ЗНМ. Во меѓувреме, Европската комисија сериозно го разгледува писмото испратено од премиерот Груевски до шефот на Комисијата Баросо, а во кое се бара Брисел да влијае врз Грција целосно да ги почитува меѓународните стандарди за малцински права и да обезбеди враќање на децата бегалци на нивните одземени имоти. За проблемот со македонското малцинство се објавени повеќе коментари во грчки весници и интервјуа со грчки интелектуалци. Се издвојува разговорот со професорот по меѓународни односи при универзитет Пантеион во Атина, Алексис Ираклидис. Тој сугерира Грција да го признае постоењето на Македонците и да ги обештети протераните за одземените имоти, а во разговорите со Македонија да прифати двојна формула за името. Според грчкиот универзитетски професор, точно е дека на македонското население во периодот 1949-1950 година им биле конфискувани имоти, дури и без судски решенија. „Грција дозволи голема грешка со одземените имоти на „Славомакедонците“ и, доколку ова прашање се најде пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, ќе и биде наложено да плати оштета“, оценува професорот Ираклидис. Според него, Грција треба да престане „да ја турка главата в песок“ и да тврди дека „Славомакедонците“ не постојат, бидејќи нивниот број изнесува од 30.000 до 40.000. А весникот „Елефтерос типос“ објави оптимистички прогнози на американскиот Стејт департмент: дека во многу скоро време Грција и Македонија ќе најдат решение за спорот за името. Во интервју со помошник- државниот секретар на САД, Метју Бриза тој потенцира дека Македонија и Грција се многу блиску до решение за разликите околу името. Тој одбива да да го коментира барањето на официјално Скопје за „македонското малцинство во Грција“ и бара вниманието да се насочи единствено кон изнаоѓање на решение за името кое ќе овозможи Македонија што поскоро да стане членка на НАТО. |




















