НАСЛОВНА ЛИЧНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА ЕДУКАТОР MODUS VIVENDI AJ VOX POPULI БИЗНИС КЛИМА ВРЕМЕТРАЕЊЕ КРЕАТИВЕН РАКОПИС
Home Home ВРЕМЕТРАЕЊЕ Значењето на активната дијаспора за татковината
Значењето на активната дијаспора за татковината Печати Е-пошта

Активна дијаспораВо јануари 2003- та година неделникот „Капитал" (број 169) објави текст под наслов „Колку е битно да се има активна дијаспора", со наднаслов „Улогата на емигрантите во старите и новите татковини". Текстот е преземен од „Економист" (без наведување на авторот). Го пренесуваме односно архивираме и во „Паноптикум" поради значењето на темата и вонвременската димензија на изнесените промислувања и ставови:

Емигрантите отсекогаш вршат притисок врз владите во своите нови држави за политика што е поволна за нивната татковина. Сега нивното влијание се чувствува и во родните земји.

Зошто Македонија нема амбасада во Австралија? Зошто една планина во северна Грција наскоро би можела да биде изобличена со ликот на Александар Велики висок 73 метри? Кој плаќаше за крвавата војна меѓу Етиопија и Еритреја? Како Хрватска успеа да издејствува брзо меѓународно признавање како независна држава? И зошто кандидатите за политичка функција од Мексико водат кампањи во САД?
Кусиот одговор на секое од овие прашања е дијаспората, заедница на луѓе што живеат надвор од нивната родна земја. Македонија нема амабасада во Австралија бидејќи Грците сметаат дека поранешната југословенска република, која се нарекува себеси Македонија, го „украла“ името од нив, а грчките гласови „тежат“ многу во Австралија. Затоа, како утеха за локалните Грци, разбеснети од нејзината одлука да ја признае Македонија, австралиската Влада се уште не дозволила отворање на македонска амбасада во Канбера.

Случајот со отсутната амбасада е екстремен, но типичен пример за тоа како дијаспорите одамна го наметнуваат своето влијание - тие лобираат во новите земји за политика поволна за нивната татковина. Сега, пак, се случува и нешто ново: дијаспорите се повеќе го наметнуваат влијанието и врз политиката на земјите кои ги напуштиле физички, но не и емотивно. Пример за овој тренд е споменикот на Александар. Грчката дијаспора е толку горда на Александар Велики, чие македонско кралство опфаќало и делови од сегашна северна Грција, и толку сака да го претстави како Грк, така што ќе го издлаби неговиот лик на планината Кердилион. Властите во Атина се вџашени, меѓутоа фондацијата Александар Велики од Чикаго вели дека нејзините членови ќе ги покријат трошоците од 45 милиони долари. Колку и да изгледа гротескно овој план (споменикот ќе биде четирипати поголем од ликовите на американските претседатели издлабени во планината Рашмор), грчката Влада би можела да попушти. Токму богатите американски Грци се тие кон кои таа се обраќа кога сака да ги промовира своите интереси во Америка.

Мислат на татковината и во војна и во мир
И Еритреја се обрати до своите сонародници во странство кога одлучи да ја води бесмислената погранична војна од 1998 до 2000 година. Малата, сиромашна и само шест години стара земја не беше во состојба да се бори против својот поголем сосед Етиопија. Сепак, Владата успеа да им наплати данок од 2% на приходите на околу 333.000 емигранти од 3,8- милионското население на Еритреја. Со тоа беше финансирана, но и продолжена, ужасната војна.

И Хрватите во странство го сторија своето за родната земја, и пред и по стекнувањето независност во 1991- ва година. На почетокот на 90-тите, набрзо по падот на европскиот комунизам, но пред распаѓањето на југословенската федерација, од Хрватска беше упатен повик до Хрватите во дијаспората да се вратат дома. Некои се вратија и се бореа во војната што избувна во 1991- ва година, додека другите собираа пари во странство - до 1991- ва беа собрани околу 30 милиони долари. Во меѓувреме, Хрватите во егзил интензивно лобираа во Германија која, пак, ја поттурна ЕУ брзо да ја признае новата држава. Националистичката емиграција ја помогна изборната кампања на Фрањо Туѓман во 1990- та со најмалку 4 милиони долари, а за возврат беше застапена во Парламентот во 1992- ра година. 12 од 120-те пратенички седишта им беа доделени на Хрвати од дијаспората кои гласаа во конзулатите или во општинските центри, клубови и цркви одредени од властите во Загреб. За споредба, етничките малцинства во Хрватска добија само 7 пратенички мандати.

Право на глас и за емигрантите
Од 1996- та година Мексиканците во странство имаат право да гласаат на националните избори, иако законот кој би им дозволил да го прават тоа без да се вратат во татковината допрва треба да биде усвоен. Сепак, со 10,8 милиони сограѓани на гласачка возраст кои се надвор од земјата голем број политички кандидати сметаат дека вреди да се води кампања и во САД, каде што живеат 99% од „отсутните“. Дури и ако само мал дел од нив се вратат во Мексико на денот на гласањето, тоа може многу да влијае врз изборите.

Новото право на дијаспората да гласа, колку и да е теоретско, беше дадено со двоумење. Институционалната револуционерна партија (ИРП), која 60 години без прекин владееше со Мексико, сметаше дека мексиканските емигранти нема да ја поддржат. ИРП веројатно беше во право. Иако дијаспората не ја сочинуваа политички емигранти кои би биле непријателски настроени кон Владата на земјата што ја напуштиле, емигрантите беа доволно софистицирани за да не ја сакаат егоистичката политика на ИРП. Освен тоа, национализмот, кој често ги тера емигрантите да сочувствуваат со владата во татковината, воопшто не беше едно од прашањата на изборите во Мексико.

Сепак, како по правило, емигрантите се националисти, иако тие во исто време може да бидат лојални граѓани на новите земји (96% од австралиските Хрвати се натурализирани и не се познати како рамнодушни кон „австралијанството“). Можеби силината на националистичкото чувство е поврзана со чувството на вина кај тие што биле доволно среќни да живеат во странство, особено кога татковината е изложена на некаква закана; можеби поради тоа што не се принудени да живеат со последиците на национализмот или, пак, затоа што егзилот го засилува чувството за земјата која се напушта. Можеби нештата изгледаат многу појасни гледани оддалеку. Како и да е, отсуството секако прави срцето да се шири пострасно - и пожестоко.

Ако се сомневате во тоа, замислете што би се случило во Ирска, северно и јужно од границата, ако на американските Ирци би им било дозволено да гласаат на изборите во Република Ирска или во Северна Ирска. Американските Ирци, како големи поддржувачи на републиканизмот, во 70-тите и 80-тите години собраа големи суми пари за републиканските терористички групи, како Ирската републиканска армија. Или, замислете што би се случило на Куба ако емигрантите од јужна Флорида би можеле да гласаат на островот.

Големо економско, но слабо политичко влијание во родниот крај

Во минатото, дијаспората немаше голема моќ. Неколку милиони емигранти расфрлени низ светот, кои секаде се малцинство, се слаби. Тие се влијателни само кога се концентрирани, како на пример Швеѓаните во јужна Финска, или кога се добро организирани, како Евреите во САД и Ерменците во Франција. Барем така беше порано. Денес авионите и комуникациите, а особено Интернет, им овозможуваат на дисперзираните емигранти да се зближуваат поевтино и поефикасно.

Таа промена е највидлива не кај најпознатите, стари дијаспори, туку кај помладите. Така, влијанието на големата заедница на Кинези во странство врз Кина, барем засега, најмногу се чувствува преку трговијата и инвестициите; тоа се уште не е директно политичко влијание. Така и емигрантите од Индија и од Шкотска допрва треба да го изразат своето политичко влијание врз татковините. И еврејската дијаспора (прва која го доби тоа име, според вавилонското заточеништво), иако е страсно заинтересирана за Израел и подготвена да го поддржи финансиски, веројатна е повлијателна во странство отколку во еврејската држава.

Некои дијаспори се посиромашни од народот што го напуштиле. Околу 537.000 Аргентинци од италијанско потекло се толку сиромашни што регионите во Италија, како Венето, организираат програми за враќање на емигрантите, во чии рамки се бараат и создаваат работни места за тие што сакаат да се вратат. Сепак, најголем дел од емигрантските групи се добростоечки. Просперитетот на емигрантите, во најголема мера, комбиниран со нивното образовно ниво, им го дава влијанието во татковината. Емигрантите од кој било вид годишно испраќаат во родните земји околу 100 милијарди долари преку официјални канали, од кои 60% одат во сиромашните земји, кои веројатно добиваат уште 15 милијарди долари неофицијални пратки.

Најголем дел од сиромашните земји сега прифаќаат физички да ги загубат своите емигранти, но тоа не значи дека не можат да „допрат“ до дел од нивните пари или експертиза. Дури и нивните дијаспори, и покрај се, се расположени да го сторат тоа. Зошто? Покрај сентименталните чувства, често се нуди и варијантата „пари во замена за гласачко право“. Покрај Мексико, Хрватска и Еритреја, и Ерменија и Индија дадоа ветувања во таа насока. Филипинците во странство би сакале да гласаат на националните избори. Турција, како и Еритреја и Мексико, го промени Уставот за да може да го даде тоа право, но Германија, каде што е концентриран најголем дел од турската дијаспора, не би сакала странски избори на нејзина почва.

Домашните знаат и да не ја сакаат дијаспората

Влијанието на дијаспората не наидува секогаш на добар прием. На некои емигранти не им се верува, особено ако биле во странство додека приликите во родната земја биле тешки. Тие што останаа во Јужна Африка и се бореа против апартхејдот однатре немаат голема почит за претседателот Табо Мбеки и неговите соработници кои тоа го правеа во странство. Сепак, тука повеќе станува збор за политички емигранти од конвенционален вид - непријателите на англиските монарси кои коваа заговори од Франција, Кубанците кои ја поттикнаа инвазијата врз Заливот на свињите од САД, руските револуционери кои бегаа од царот низ Европа... Емигрантите од дијаспората се поинакви. Нивните мотиви за заминување најчесто се економски исто колку и политички и најголем дел од нив немаат намера да се вратат во татковината.

Сепак, и тие може да бидат трн во окото во родната земја. Емигрантите етнички Албанци од Косово ги плаќаа и вооружуваа герилците на ОВК кои беа од клучно значење во војната на НАТО за истиснување на српските сили за безбедност. Сепак, тие исти емигранти, од кои најголем дел се левичари според идеологијата, а криминалци според врските, беа помалку од добродојдени кога дојде време да се гради мирот. И албанската дијаспора, помала и целосно десничарска, погрешно го поддржуваше Сали Бериша, се додека не се урнаа пирамидалните шеми кои накусо ги „опија“ Албанците. Турците од северен Кипар не се секогаш убедени дека заедницата на нивните сонародници во Лондон, која е бројна речиси како нив, лобира за целите за кои тие се залагаат.

„Сите политики се локални“

По 11- ти септември дијаспорите се подложени на поголемо внимание за да се утврди дали тие вдомуваат или „одгледуваат“ терористи. Тие веќе беа предмет на зголемениот интерес на академиците. Некои аналитички тела, како корпорацијата Ренд од Калифорнија, предупредија дека некои дијаспори може да станат 5- та колона на непријателски влади. Сепак, влијанието на емигрантите се преценува.

Ева Остергард- Нилсен, од лондонската Школа за економија, нагласува дека дијаспорите ретко може да натераат некоја влада да усвои одредена политика доколку таа политика не е во национален интерес. Сепак, дијаспорите несомнено и се повеќе ги мешаат интересите на татковината со интересите на државите во кои се наоѓаат и ги туркаат своите интереси во родните земји. Тип О 'Нил, американски политичар од старата школа, во една прилика рече: „Сите политики се локални“. Денес повеќе од кога и да е.

 
Банер

 

Почни го денот со ПАНОПТИКУМ

 
 

 

  Top