НАСЛОВНА ЛИЧНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА ЕДУКАТОР MODUS VIVENDI AJ VOX POPULI БИЗНИС КЛИМА ВРЕМЕТРАЕЊЕ КРЕАТИВЕН РАКОПИС
Home Home ВРЕМЕТРАЕЊЕ Nomen est Omen
Nomen est Omen Печати Е-пошта

Џорџ РобертсонНа 12- ти јули годинава на „Македонија.ТВ" во Детроит (САД) е објавен коментар од Проф. Несто Огинар на изјавата на Лорд Џорџ Робертсон дадена на емисијата на МРТВ „Отворено со народот".

Огинар е роден во Скопје во 1947- ма година. Семејното презиме Митревски го заменил со Огинар, а како што нагласува самиот тоа го извлекол од старомакедонската божица Митра која ги симболизира сонцето и огнот. Во Америка заминал во 1969- та каде што магистрирал во 1980- та година. Живее и работи во Њујорк како професор поп англиски јазик и литература на државен колеџ.

Коментарот, што го пренесуваме во целост (со незначителни јазични корекции), го има мотото „Nomen est Omen" (Името е Судбина).

„Вие можете да се повикувате на достоинство, да се повикувате на принципи, можете да речете дека се непопустливи, но за такво нешто ќе платите цена, а тоа е всушност и вистината на реал политиката. Од друга страна, пак, можете да бидете флексибилни, да станете членка на најсилната воена структура на светот".

Нестор ОгинарОвие заканувачки зборови ги упати до македонскиот народ поранешниот генерален секретар на НАТО, Лордот Џорџ Робертсон, во интервјуто за емисијата „Отворено со народот" на Слободан Томиќ, каде што гостин во студиото бев јас, во петок на 10- ти јули 2009- та. Леснотијата со која што овој пресметан, ладнокрвен Британец, самонеречен пријател на Македонија, ја промовира меѓународната теза дека „името не е најголемо и најважно прашање за македонскиот народ" и дека „промената на името е само еден мал компромис и цена што треба да се плати за придобивките на земјата како дел од пошироките европски текови", со шокантна потврда  за ироничната изместеност на сите демократски и хумани вредности на евро- атлантската констелација, кон чија што студена прегратка талка Македонија речиси две децении.

На мојата реакција дека уценувањето на Македонија со промената на нејзиното историско, национално и уставно име, како отелотворение на нејзиниот суверенитет, е грубо кршење на основните принципи на Северно- атлантската алијанса и дека тоа претставува своевиден парадокс, бидејќи НАТО беше формиран токму поради потребата да се заштити и брани суверенитетот на државите што беа од другата страна на „Железната завеса", Господинот Робертсон во недостиг на логичен одговор понуди циничен аргумент, велејќи дека: „Живееме во реалниот свет на Реал политиката"!

Навистина, Македонија дозволи да ја воведат во тој свет на „Реал политиката" на 21- от век, и таа повеќе нема ниту морален, ниту политички компас, ниту, пак, волја да чекори самостојно, независно и достоинствено по тие непознати патеки.

Сега Македонија, онаква каква што е, наликува на болен пациент анестезиран и прострен на хируршка маса, врз кого што белосветски доктори од типот на Франкештајн вршат семожни зафати и експерименти со што го сакатат и обезличуваат до непрепознатливост.

Што ќе се случи со тој пациент кога анестезијата ќе го изгуби своето дејство како смирувач на совеста? Ќе има ли тој доволно самосвест за да сфати што му се случува? Ќе може ли да се препознае себе си?

Гледано антрополошки, името на еден човек, на еден народ, на една држава е свеста; а свеста е името. Кога велам „Јас сум Македонец, а мојата земја е Македонија", не е исто како кога велам „I am a Macedonian, and the name of my country is Macedonia". И во двата случаја употребувам јазик, но јазикот во првата реченица е она што вистински ме поистоветува со моето „Јас", ја изразува суштината на тоа кој сум и што сум односно мојот идентитет. Во втората реченица јас употребувам еден туѓ јазик што го користам за да комуницирам со светот кој што не го разбира мојот мајчин јазик, но мојата свест е непроменета: јас останувам она што сум, Македонец. Значи, јазикот е функција на свеста на еден човек, на еден народ, на една земја, а не „Country" со која се изразува посебноста и различноста од другите.

Веќе приближно две децении Македонија е изложена на една специјална војна: политичка, економска, стратешко- воена, која што ете сега веќе кулминира со ултиматумот (своевиден Ханибалски „Cyl de sac") со кој што треба да се промени името.

Променете го името, под принуда или доброволно по пат на народен референдум, и вие веќе сте ја промениле свеста. Сте го изместиле односот на предметот и подметот. Сте формирале нешто ново кое што на свеста и е непознато. Сте создале монструм или, со други зборови, сте сториле класичен антрополошки геноцид. 

Ќе се прашате: „Како тоа генозид"? Еве како: прво, го изолирате Македонецот од светот (надвор), второ, го принудувате да се оттуѓи од самиот себе (внатре), и под трето, го затворате и зачаурувате во еден пост- егзистенцијален, суреален свет (антрополошки концентрационен логор) и со негирањето на неговото име му ги бришете последните остатоци од свеста за тоа кој е, што е и од каде е.

Не ве потсетува ли тоа на фашистичката идеологија на двојникот Хитлер- Мусолини и теоријата за супериорноста на ариевската раса врз остатокот на човештвото? Сите оние лица, институции, организации, кои што го прават тоа, се непосредни извршители на таа фашистичка доктрина.

Следствено, Грција и сите оние земји кои што ја наметнуваат таа догма, вклучувајќи ги и сите поединци и партии во Македонија кои што го поддржуваат тоа, се учесници и соучесници во системското и систематското уништување на еден од најдревните и најмирољубивите народи во Европа и светот- македонскиот народ, и затоа на сите нив треба веднаш и без двоумење да им се пружи организиран отпор и да се рече едно јасно и гласно Не! Доста е! Што е многу, многу е!

Се прашувам, зошто мора секогаш и задолжително судбината на Македонија и на македонскиот народ да се врзува и зависи од одредени супраструктури? Ни велат: „Или во НАТО и ЕУ, или крај!" Но дали е тоа навистина така? Историјата говори поинаку: Македонската Империја пропадна- Македонија остана; потоа Римската Империја пропадна- Македонија остана; пропаднаа и Византиското и Отоманското Царство- Македонија остана. Логично, следи дијалектичкото прашање: „А што кога ќе пропаднат и НАТО и ЕУ?" Затоа што според немилосрдната логика на историјата и вродената динамика на развојот на настаните тоа секако ќе се случи. Само е прашање дали утре или задутре. Неизбежно, како плимата и осеката.

Гледано од денешна историска перспектива, се доаѓа до непогрешлив заклучок дека проблемот со кој што сме соочени не е во „разликата со Грција околу името на нашата земја". Проблемот не е само на Грција, па тоа да засега само во името; или, пак, на Бугарија, па да засега само во јазикот; ниту на Србија, па тоа да засега само во црквата; или, пак, на Албанија и кој ли уште не пошироко во Европа, ad infinitum et ad noseum.

Неизбежно се наметнува прашањето: кој се плаши од историското постоење на Македонија, македонскиот народ и македонската национална свест на овој немирен Балкански полуостров? Зошто и од каде тој примитивен страв, таа продолжена историска параноја од постоењето на Македонија, Македонци, македонско? Погледнете само малку во генезата на тој став; во тој политичко- антрополошки страв на сите мали држави и нивните европски покровители што произлегоа со распаѓањето на Отоманската Империја, во чии рамки останаа делови на распарчената и поделена Македонија, на македонскиот народ и на неговата духовна и материјална култура, и ќе дојдете до правата вистина. А таа е една и недвосмислена: посто Македонија, постои македонски народ, македонска нација, македонски јазик, македонска култура, и секој во Македонија и надвор од неа што тоа го одрекнува е соучесник во еден гнасен, грозоморен, антицивилизациски и геноциден чин на кој што треба да му се стави крај!

Македонија уште утре треба да ги напушти срамните и понижувачки „преговори" со Грција, со посредство на Метју Нимиц и сета булумента на сите белосветски олеснувачи и мешетари, и со сопствена гордост, доблест и достоинство да си го најде своето место во светот кого што таа мора да го принуди да се погледне во огледалото на вистината и да го промени односот спрема Македонија. Друга алтернатива нема!

Македонија и македонскиот народ никогаш не биле, ниту ќе бидат ни малечки, ни немоќни за самите да го носат Исусовиот крст, самите да го туркаат Сизифовиот камен, самите да го палат Прометејскиот огин, под будното и вечното око на Севишниот, под светлината на сопствената свест и совест!

 
Банер

 

Почни го денот со ПАНОПТИКУМ

 
 

 

  Top