Македонската дијаспора низ бројки

Печати

РепродукцијаНа крајот од 2008-ма година во „Информатор“ (http://www.informator.ws/world-news/ ) беше објавен неавторизиран текст под наслов „Статистика за бројот на Македонската дијаспора“.

Го пренесуваме во целост, без проверка на изнесените податоци бидејќи, како што се наведува, истите се добиени од Министерството за надворешни работи на Македонија.

„Никој не знае колку брои македонската дијаспора, иако според законските измени тројца пратеници со гласовите на иселеништвото по следните парламентарни избори ќе седат во македонското Собрание. Дијаспората бараше да добие 22- ца пратеници, но државата одлучи да и се дадат само три пратенички столчиња.

Според Министерството за надворешни работи, безмалку 900.000 граѓани брои македонската дијаспора во САД, Австралија, Канада, Нов Зеланд, Русија и во Европската Унија. Матицата на иселеници, пак, која речиси 50 години е нишка помеѓу иселениците и родниот крај, проценува дека бројката на иселеници од 1945- та до денес не е поголема од 800.000 граѓани, вклучувајќи ги и нивните поколенија.

Од вкупната бројка се проценува дека околу 60% се полнолетни и ќе имаат право на глас на следните парламентарни избори.

Прв голем проблем со нашата дијаспора во Австралија, Америка и во Канада е што има егејски Македонци. Тие се заминати со грчко државјанство и без разлика што се чувствуваат како етнички Македонци фигурираат како грчки државјани, велат од МНР.

-По Втората светска војна не се толерирало двојното државјанство и не се водело сметка и за тоа што е етничко чувство. Во Австралија, на пример, тие луѓе се австралиски и други државјани. Меѓутоа, нивното етничко чувство е македонско. Проблем е поделбата на независни држави од некогашна СФРЈ. Во согласност со законот на таа држава имаше двојно државјанство, државно и сојузно. Граѓанинот во странство беше државјанин на СФРЈ - вели Сашко Тодоровски, раководител на Секторот за дијаспора од МНР.

Според него, редица земји ги третирале емигрантите како Југословени, не како етничка група, туку како припадник на федерална нација.

-Никој не знае колку гласачи имаме во странство. Многу поколенија на нашинци кои се иселиле, посебно во Америка, Канада и во Австралија, за децата велат дека се Македонци, но не знаат ниту еден збор од мајчиниот јазик. Најголем проблем имаме со второто, третото или со четвртото поколение. Од тоа што ние го знаеме во соработка со нашите заедници во тие земји, во САД и во Канада има по околу 60.000 иселеници, а многу помалку во Австралија. Ние како Матица на иселениците од поодамна инициравме и уште сме во разговори со МНР да се спроведе иницијатива сите иселеници да се ажурираат. Така со сигурност ќе знаеме колку гласачи имаме во странство - вели Иван Џо Петрески, претседател на Матицата на иселениците.

Засега познато е дека ќе се гласа во дипломатските и во конзуларните претставништва на Македонија низ светот. Според предлозите што се во игра, изборите ќе ги реализираат нашите дипломати во амбасадите и во конзулатите. Гласачот сам би го затворал пликот, претставништвото би го проследило до МНР, а потоа до Државната изборна комисија во Скопје на бројување. Но, се уште не се знае ни колку од прилика ќе ја чини државата да организира избори на пет континенти.

Во САД има околу 200.000 Македонци?

Во Италија, според МНР, има објективен пораст на наши иселеници затоа што во оваа земја миграцијата за последните 18 години е најголема од сите земји во Унијата. Според италијанските власти, во оваа земја има 78.000 нашинци, а според МНР, бројката е околу 100.000 мигранти.

Во Австралија, според МНР, има од 200.000 до 250.000 македонски иселеници, додека според Австралиското биро за статистика, од 2006- та година бројката е околу 85.000 граѓани. Во САД има околу 200.000 нашинци, а според пописот во САД од 2002 година има нешто повеќе од 50.000 иселеници. Нашинци, според канадското МНР, има 150.000, а според статистиката од државни извори во Канада, од 2006- та година има 37.000 мигранти. На островот Нов Зеланд, анализирано од МНР, има 15.000 граѓани иселени или по потекло од Македонија. Додека, според попис во Нов Зеланд, од 2006- та година има 800 граѓани кои се родени во самостојна Македонија. Во земјите од Унијата има околу 280.000 граѓани со македонско потекло.