На 6 мај 1924. во Виена е објавен Манифест кон македонскиот народ, кон организираното револуционерно население во Македонија и кон македонските револуционери. Станува збор за манифест кој кореспондира со новата политичка програма за единство во дејствувањето на македонските револуционерни сили. Тој бил составен по долги преговори на претставниците на ВМРО, Коминтерната и Македонската федеративна организација.
Потпишан е од членовите на ЦК на ВМРО (Автономистичка) Александар Протоѓеров, Петар Чаулев и Тодор Александров.
Со него, Александровата псевдоавтономистичка и неоврховистичка ВМРО се вратила кон идеалите на старата ВМРО на Гоце Делчев и Јане Сандански, борејќи се за автономија на Македонија, што би резултирало со создавање на Балканска федерација во која би требало да влезе и таа. Исто така, тие се обврзале дека трајно ќе се откажат од своите терористички активности и ќе заземат чист политички и демократски став во борбата за македонските интереси.
На 1. август 1924. година Александров изјавил дека „не потпишал никаков манифест и дека објавениот е мистификација на егзалтирани комунисти“. Ваквата промена на ставовите била оценета кај Бугарите, Македонците и некои други балкански фактори како несериозен потег.
Со Манифестот не се согласила реакционата влада на Александар Цанков. Се смета дека тој наредил да биде убиен Александров. Убиен е на 31. август 1924., а челната позиција во ВМРО ја презел Ванчо Михајлов кој го отфрла манифестот и продолжува со терористичките активности насочени против левото крило на старата ВМОРО.
Една од клучните улоги во организирањето на потпишувањето на Манифестот одиграл Димитар Влахов, а негова главна цел била да ги смири спротивставените водачи на ВМРО.
Комплетирањето на документот завршило на 29. април 1924., но публикувањето било одложено се до враќањето на Александров од Софија каде што бил на консултации со другите тамошни партии. Во Софија неговите следбеници го убедиле да го повлече својот потпис во интерес на самата ВМРО која не би смеела да си дозволи да изгуби толку „способен“ лидер во тој критичен момент. Потоа Александров ги известил Влахов и Петар Чаулев да го суспендираат објавувањето на Манифестот и веднаш да се вратат во Софија. Влахов одбил и се вклучил во формирањето на ВМРО (Обединета).
Во Манифестот се потенцирани главните цели на револуционерната борба: ослободување на раскинатите делови на Македонија во една наполно независна и самостојна политичка заедница, демократизирање и сојузување на балканските држави во една федерална заедница која единствено може да го гарантира политичкото постоење на независна Македонија и независноста на другите балкански народи, како и да ги парализира анексионистичките и империјалистичките стремежи на заинтересираните сили:
„До македонскиот народ, до организираното револуционерно население во Македонија и до македонските револуционери
Браќа Македонци!
Македонија, во своите природни географски граници меѓу реката Места, планините Родопи, Рила и Шар, реката Дрим, Охридското Езеро, планината Грамос, реката Бистрица и Егејското Море, со едно пространство од 65.000 кв. километра, пресечена од реките Места, Струма, Вардар, Дрим, Бистрица и надарена со најразнообразни природни богатства и благопријатни климатски услови; со своето 2.302.000 население, разнооброзно по својот етнографски состав, со својата централна економска и стратегиска положба на Балканите, помеѓу басените на реката Дунав, Егејското и Јадранското Море - ги има сите услови и права за самостојно палитичко постоење, како независна држава што се управува самостојно, која ќе послужи како обединувачка, политичка и економска алка помеѓу народите и државите на Балканскиот Полуостров.
Вековните борби на македонското население против господството над неговата територија од страна на едно племе и тиранијата спроведувана спрема другите племиња што ја населуваат Македанија; отпорот што го покажа тоа спрема денационализаторската политика на државите што ја владееле Македонија или граничиле со неа; учеството на македонското население во сите востанија и револуционерни движења; содејството што беспрекидно, во сите војни на Балканите им го даваше на земјите што се јавуваа да се борат во имета на ослободувањето и самоопределувањето на балканските народи, - е најочигледниот доказ за правата и свеста на македонскиот народ да биде една самостојна политичка единица на Балканите.
Тргнувајќи и опирајќи се на таа свест, Внатрешната македонска револуционерна организација, ВМРО, во текот на цели десет летија води најрешителна револуционерна борба за ослободувањето на Македонија. Таа борба, во зависност од соодносот на факторите во меѓународната и балканската политика и етнографскиот состав во организацијата што преовладува, поставуваше различни тактички задачи и се ползуваше со различни средства.
Долго време македонскиот народ, верувајќи во ослободителните стремежи на великите европски сили и малите балкански држави спрема Македонија, ги беше насочил своите погледи кон нив и го очекуваше своето ослободување преку нивна интервенција. Сообразно со тоа, ВМРО ја беше насочила целата своја дејност да го издигне гласот на страдалниот македонски роб до ушите на идните свои ослободители, да го привлече нивното внимание, да го предизвика нивното мешање, да го исползува натпреварувањето на нивната палитика и по тој начин да ја истргне слободата на Македонија. Примерот со создавањето на слободна Србија, Грција, Црна Гора и Бугарија беше привлечен и охрабрувачки. Сообразно со таа тактичка задача на македонската револуционерна борба беа и нејзините средства, во прв ред единичните и делумните удари, било против владетелската власт, било против туѓите интереси врзани со Македонија. Дури ни Илинденското востание, најголемото и најмасовното движење, не можеше да смета дека само ќе извојува слобода на Македонија, туку имаше цел да му го наложи на општоевропското јавно миелење и на меѓународната дипломација разрешувањето на македонското прашање.
За една вистинска револуционерна акција, во голем масовен македонски или балкански размер, којашто би сметала само на себе за извојувањето на македонската слобода ни збор не можеше да стане.
Резултатите од европската интервенција по Илинденското востание, изразени во лицемерните реформи, насочени повеќе да го заздрават и закрепнат турското владеење над Македонија отколку да ја родат нејзината слобода, го разочараа македонскиот народ. Тоа разочарување ја засили струјата во редовите на ВМРО којашто, сметајќи на ослободителната мисија на младите балкански држави, ги насочуваше своите усилби да предизвика нивна воена интервенција.
Балканската војна, која заврши со поделба на Македонија во Букурешт 1913 г., а по неа и општоевропската војна, со нејзините Париски договори кои го раскинаа живото тело на Македонија и го поделија меѓу балканските држави што ја опкружуваа, дефинитивно ја убија верата на македонскиот народ во ослободителната мисија на интервенционистичката политика на големите европски и малите балкански држави. Берлинскиот (1878 г.), Букурешкиот (1913 г.) и Париските мировни договори од 1919 г. го убедија и најпоследниот неверен Тома, дека како големите, така и малите европски држави спроведуваат своја егоистичка политика, поради што слободата и постоењето на Македонија може да биде само монета за поткусуравање.
Од тоа произлегува дека од тие држави, додека се раководени од влади кои ја подржуваат завојувачката и империјалистичката политика на тие договори, или, со други зборови, додека кај нив не се установат влади што ќе ја базираат својата надворешна и внатрешна политика врз вистинското самоопределување на народите, македонскиот народ не може да очекува никаква поткрепа за својата слобода.
Проценувајќи го основно тој историски опит, ВМРО доаѓа до цврстиот и конечен заклучок дека во својата револуционерна борба за слободата на Македонија, таа може да смета само на крајно прогресивно- револуцнонерните движења во Европа, кои се борат против империјалистичката политика на своите влади, против постојните мировни договори и за вистинско самоопределување на своите и туѓи народи.
Ете зошти ВМРО изјавува дека во интерес на македонската слобода ќе ја даде сета своја поткрепа само на оние што на балканска почва се борат против завојувачката политика на европскиот империјализам, спроведувана било директно, било преку владите на балканските држави.
Но, владите на балканските држави не се јавуваат само како орудија на европскиот империјализам; тие спроведуваат и своја сопствена националистичка, завојувачка политика. Благодарејќи на таа општоевропска империјалистичка и општобалканска националистичка завојувачка политика, Македанија, истоштена од петвековното ропство, разурната од три војни, денес одново е поробена и разделена помеѓу трите балкакски држави: Србнја, Грција и Бугарија.
Ниедна од владите на балканските држави не мисли за ослободувањето и обединувањето на раскинатите делови на Македонија; ниедна од нив не мисли и не дејствува за самоопределувањето на македонскиот народ во самостојна политичка единица; ниедна од нив не сака на поробените Македонци да им ги даде правата предвидени во договорите кои им го осигуруваат културниот развиток како национални малцинства. Поради тоа, ВМРО е принудена да изјави дека политиката на сите сегашни балкански влади е непријателска за слободното и самостојно политичко постоење на Македонија и дека таа најрешително и со сите средства на револуционерната борба ќе се бори против нивната завојувачка политика спрема Македонија и македонскиот народ.
За да се избегне секакво недоразбирање и нејасност, ВМРО изјавува исто така дека таа не може да се дезинтересира за внатрешната и надворешната политика на балканските држави и особено на Србија, Грција и Бугарија кои владеат цели делови од територијата и населението на Македонија.
По однос на Грција, ВМРО ќе се бори против секој обид за враќање на монархијата - најјаркиот израз на ултраимперијалистичката грчка политика - и против секоја грчка влада која ја подржува денешната делба на Македонија, го денационализира населението во грчка Македонија и насилно го изменува неговиот етнографски состав, протерувајќи го домородечкото население и заменувајќи го со грчки преселеници од Мала Азија и Тракија.
По однос на Југославија, ВМРО најрешително ќе се бори против сите, без разлика на партија, белградски влади, кои ја крепат денешната српска политика на насилнички централизам, денационализација и угнетување не само на македонскиот народ, туку и на народите на Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Војводина, Словенија и Далмација; уште повеќе затоа што таа политика, поткрепена од некои европски држави, е насочена кон нови заграбувања на туѓи територии за сметка на Албанија, бугарска и грчка Македонија. ВМРО изјавува дека во внатрешните национални борби во Југославија таа решително застанува на страната на сите угнетени народности, што ќе се борат против белградските влади - за демократска децентрализација и федеративна реорганизација на Југославија.
По однос на Бугарија, ВМРО изјавува дека и покрај сите жртви, што бугарскиот народ ги давал и е готов да ги даде за слободата и независноста на Македонија, денешната бугарска влада на Цанков, во расчекор со чувствата и интересите на својот народ, води една политика јавно антимакедонска и антибугарска, една политика јавно србофилска, која не само шта ја овековечува делбата на Македонија, туку подготвува нови територијални прекројувања на Балканите за сметка на Македонија. ВМРО ги предупредува народите на Македонија, Југославија, Грција и Тракија, дека белградската влада, опрена на своите договори со некои европски држави за делбата на Хрватска, Албанија и Грција, се готви да ја рашири својата завојувачка политика накај Солун, терајќи ја софиската влада кон Кавала, заплашувајќи ја дека во спротивен случај ќе ги окупира бугарските градови Перник и Ќустендил.
И владата на Цанков е изгледа соблазнета од тие империјалистички перспективи, потшепнувани од белградските сирени. Таа се зафатила да ја уништи Внатрешната Македонска Револуционерна Организација и македонското револуционерно движење, кои се јавуваат како најсериозна пречка за остварувањето на тие престапни намери. Додека белградската влада ја подготвува и раздувува граѓанската војна во Албанија, софиската влада на Цанков се зафатила со уништувањето на ВМРО.
Затворањето на неколку стотини Македонци во Бугарија, осомничени за учество или соучество во македонското ослободително движење; забранувањето на сите легални печатни органи на македонската емиграција во Бугарија, кои го заштитуваат ослабодителното дело на Македонија; готовноста на софиската влада да посегне и по највидните дејци на македонското ослободително движење за да ги затвори и предаде на Србија, очевидно како искупителна жртва на новиот курс на српската и бугарската завојувачка политика, се најпоследните и јарки докази за престапната политика на софиската влада.
ВМРО го знае изворот на таа српска и бугарска политика. Слабоста на белградската влада внатре во земјата ја тера да ги жртвува интересите на хрватскиот народ во полза на Италија - Ријека и Јадранското приморје - и да бара компензација за сметка на Албанија, бугарска и грчка Македонија. А внатрешната слабост на софиската влада ја прави неспособна да им се противстави на белградските заплашувања и пред опасноста од окупирањето на Перник и Ќустендил од Србите таа е готова да оди на доброволно соработување со српската експанзионистичка политика накај Солун, надевајќи се дека самата ќе биде компензирана накај Кавала. На таков начин се жртвуваат не само интересите на Македонија и Тракија, туку во исто време се засегаат и интересите на Бугарија, Југославија и сите балкански народи.
Основната причина за слабоста на софиската влада е нејзината изолираност, откинатост од народните маси и непријателството од овие последниве кон неа. Борејќи се по секоја цена за запазување на власта во свои раце и не наоѓајќи никаква подршка во народот за да се спротивстави на српската завојувачка политика, таа се мачи, во соработка со неа, да ги отклони опасностите што висат над Бугарија, подбуцнувајќи ја последната кон нова авантура, само и само да спечали некој привремен успех со кој би ја зајакнала својата разнишана положба внатре во земјата. За таа цел таа ги жртвува како интересите на македонскиот, така и интересите на бугарскиот народ. Таа е принудена да управува во внатрешната политика со терор, суспендирање на сите уставни гаранции; таа е принудена да ја суспендира слободата на говорот, печатот, соборите и здруженијата, да растура цели задружни организации и политички партии; таа е принудена дури да откажува прибежиште за политичките бегалци на Македонија.
При таквата положба, ВМРО изјавува дека политиката на владата на Цанков е непријателска спрема македонскиот и бугарскиот народ и апелира кон сите Македонци и Бугари да поведат најрешителна борба против неа. Тие треба да и дадат своја поткрепа само на една таква влада во Бугарија која, опирајќи се врз широките трудбенички маси од градот и селото, не ќе има нужда од терор и исклучителни закони за своето управување, не ќе прибегнува кон суспендирање на суштествените гаранции за една вистински народна и демократска власт и која, опирајќи се врз довербата на масите на слободољубивиот, демократски и нешовинистички бугарски народ, ќе може да му ги даде неопходните средства за борба против завојувачката политика на соседните држави, без да се плаши дека тие средства ќе бидат свртени против неа.
Само во установувањето на една таква влада во Бугарија, ВМРО гледа гаранција и за понатамошниот успешен развој на својата револуционерна борба за слободата и независноста на Македонија и за политичката независност на сите балкански народи“.