| За најголемиот војсководец на Стариот век: Александар Македонски |
|
|
|
Александар станал крал по смртта на татка си во 336-та г.пр.н.е. Со брза акција ја зацврстил својата власт во Македонија, потоа со војската продрел во Грција, која сакала да се ослободи од Македонија, и во Коринт ги повикал пратениците на сите грчки држави, освен на Спарта. Во 334-та г.пр.н.е. презел поход против Трибалите и продрел до Дунав со цел да ја заштити Македонија од упадите од север. Потоа со својата војска навлегол во Грција (кај што во негово отсуство избило востание) и ја разорил Теба.
Во 334-та г.пр.н.е. на Антипатар му ја доверил управата над Македонија и Грција, па со 30.000 пешаци и 5.000 коњаници тргнал на Персија. Преминал во Мала Азија, ја победил персиската војска кај реката Граник, по што речиси цела Мала Азија дошла под негова власт. Откако ја организирал управата во освоената област, во 333-та г.пр.н.е. ја зазел престолнината на Фригие Гордиј (Гордиев јазел). Го победил Дариј III кај Истма. Потоа ја освоил Феникија, а во 332-ра г.пр.н.е. и Египет, кај што ја основал Александрија. Во 331-ва г.пр.н.е. повторно го победил Дариј кај Гаугамела во Месопотамија, ја освоил Вавилонија, и во неа ја организирал својата управа. Добивајќи во Вавилон воени засилувања од Грција, тргнал на Персија, ја разорил кралската резиденција во Персополис, и ја освоил Медија. По смртта на Дариј, Александар Македонски ја менува својата политика и одмазничкиот поход против Персија го продолжува како наследник на персискиот владетел. Го прогласува Вавилон за престолнина на својата империја, што предизвикува судир со Македонците. Откако ги освоил источните краишта на Персија, во 327-ма г.пр.н.е. удрил на Индија. Го победил кралот Пор, допрел до Бисаја; поради отпорот на војниците морал да отстапи од натамошните продирања на исток и да се врати преку Белуџистан, додека неговата флота под заповедништво на адмиралот Неарх пловела покрај брегот за да го пронајде патот од устието на Инд до устијата на Тигар и Еуфрат. По враќањето од Индија, во 324-та г.пр.н.е., почнал да се подготвува за поход на запад; преку северна Африка, Шпанија и Италија на својата империја да и ги припои тогаш познатите земји на запад. Меѓутоа, во тоа го спречува смртта. Со своите воени походи, во кои неговата војска минала околу 18.000 километри, Александар Македонски создал империја каква што, според пространството, не постоела дотогаш. Неговата војска, во почетокот македонска, постапно се пополнувала со наемници и Азијци. Цивилната управа на освоените краишта им ја оставал на домородците, но воената власт и финансиите им припаѓале на Македонците. Градовите што ги основал од воени причини овозможувале продор на грчката култура на исток; последиците од тоа продирање се чувствувале неколку столетија по смртта на Александар. Една од нив е продирањето на грчкиот јазик кој го потиснал арамејскиот, службениот јазик во Персија. Освојувањата на Александар Македонски го забрзале развојот на трговијата, олеснет со создавањето на единствената монета во државата и еднометален паричен систем, кој ги потиснал другите парични системи на грчките трговски средишта, и потесно ги поврзал сите земји од Гибралтар до Инд. (За подетално запознавање со животот и делото на големиот војсководец го препорачувам биографското дело „Александар Македонски" од Улрих Вилкен, објавено на македонски во 1988-ма година, како и романот „Александар и смртта" на современиот македонски писател, критичар и есеист Слободан Мицковиќ.)
|







Се родил во 356-та г.пр.н.е., а умрел во 323 г.пр.н.е. Бил син на Филип II и Олимпијада- ќерка на епирски крал. Негов учител бил големиот антички филозоф Аристотел.













