НАСЛОВНА ЛИЧНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА ЕДУКАТОР MODUS VIVENDI AJ VOX POPULI БИЗНИС КЛИМА ВРЕМЕТРАЕЊЕ КРЕАТИВЕН РАКОПИС
Home Home КРЕАТИВЕН РАКОПИС Време за приказ Знаење, познавање, препознавање
Знаење, познавање, препознавање Печати Е-пошта

Графика-Го знаеш овој?

-Не, го познавам.

-А го препознаваш оној?

-Ма, нешто ми е познат, ама не ми текнува од каде.

Во дијалогов е суштината на проблемов за моја и ваша промисла. А тој, освен како насловот, може да се постави и вака:

Дали умееме и дали сме подготвени за нови луѓе во кои ќе имаме доверба, кои веруваме дека нема да изневерат?

Се разбира, мислам пред се на нужноста од нови луѓе, подеднакво во политиката, бизнисот, културата, спортот итн., и воопшто во јавниот живот.

Од претходното произлегува еден мој став кој можам многу лесно да го аргументирам: имено, дека не е проблемот дали има или не нови луѓе, односно дека, за жал, ги нема, па останува и натаму да се измачуваме и да не измачуваат, да мораме да ги избираме, да ги гласаме „стариве“; туку проблемот е колку сме ние во состојба (сме научиле, сме подготвени) и колку сакаме да ги препознаеме новите помеѓу нас, од кои ќе побараме, ако треба и ќе ги замолиме, да го преземат товарот на одговорноста за нашата иднина. Со својата чесност, совесност, доследност, со стручноста, стекнатиот авторитет и искуството.

Во овој контекст се поставува уште еден проблем: како да ги натераме политички да се ангажираат и да се (само)организираат во политичка сила (бидејќи по дефиниција политиката е колективно дејание).

Но, да одам по ред со знаењето, познавањето и препознавањето на нови луѓе.

Најнапред, тие не се помеѓу „старите“ оти се нови („детинска“ логика). Конкретно, сите што ги знаеме се веќе подолго или пократко време во, на пример, политиката, работат-дејствуваат во политичките партии, макар и во рамките на нивните подмладоци (се разбира, со „скромни“ активности). Тоа ќе рече дека новите ги знаеме надвор од тие редови односно во други. Се знае кои: во областите во кои дејствуваат, во кои се остваруваат, создаваат, творат како индивидуи, како личности (нагласувам- личности) и како такви- личности се афирмирани, стекнале и го бранат постојано надградувајќи го сопствениот авторитет. Не мора да се „експерти“. Доволно е што со сопствениот труд, со сопственото дело се „дефинирани“. Поинаку таквите нови не можеме да ги знаеме (по претходна „фаза“: дознавање за нив).

Сакам посебно да ја истакнам нивната индивидуалност, која во колективното дејствување претставува проблем ако тоа го разбираме како „надиндивидуалност“.

Познавањето на нови луѓе претставува умешност, лична способност да се посматра светот и луѓето во него од дистанца. „Колективната“ способност, на која не учеле и не учат „стариве“ во името на сопствената одбрана, е всушност лична неспособност. Можеме да познаваме нови на кои ќе посочиме, кои ќе ги побараме во пресудни, пресвртни моменти, само ако сме решени да ја поразиме токму неа. А ќе бидеме решени- решителни само ако престанеме со „многуте познанства“ што обично ги нарекуваме „широк круг на познајници и пријатели“.

Најважно е препознавањето. Имено, новите луѓе како индивидуи, како личности, не се наметнуваат себе си со своето присуство „и кај што треба и кај што не треба“. Напротив, тие ја избрале или ја избираат средината во која се движат, егзистираат и создаваат- творат. Најмалку, пак, „се местат“ да бидат „фатени“ од ТВ камери, да се истакнуваат со „активно“ учество на дебати, конференции, настани, да бидат актери во нив. Напротив, нивната ненаметливост е еден вид последица на она што го создале и создаваат, на нивното дело.

Неретко можете да чуете творец:

„Моето дело зборува само за себе. Егзистира, опстојува или не без мене“.

Следствено, нашето препознавање на таквите личности е всушност знаење или познавање на нивното дело, на нивното творештво, на создаденото и создавањето.

Посочувам на еден, можеби најголем проблем што не оневозможува да ги „добиеме“ новите луѓе, на пример во политиката: како индивидуалното во најширока смисла да го овозможиме, да го обезбедиме како колективно. Или поконкретно: како нови личности (значи познати, афирмирани, авторитетни во своите области- што, од друга страна, говори дека не се нови; нови се за нас бидејќи не сме имале потреба од нив) да ангажираме политички, да ги организираме во политичка партија која ќе ја „доведеме“ на власт.

Невозможно? Да. Зошто? Меѓу другото, или пред се поради свесното уривање, разорување на системот на вредности од страна на „стариве“ (уривачите, разурнувачите, обезвреднувачите). Затоа што во поставен, утврден, дефиниран и постојано надградуван, многу лесно ќе се разголи нивната безвредност.

 
Банер

 

Почни го денот со ПАНОПТИКУМ

 
 

 

  Top