НАСЛОВНА ЛИЧНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА ЕДУКАТОР MODUS VIVENDI AJ VOX POPULI БИЗНИС КЛИМА ВРЕМЕТРАЕЊЕ КРЕАТИВЕН РАКОПИС
Безделници Печати Е-пошта

Апстрактно сликарствоЈас и ден- денес не знам кој ѓавол ме тераше да седнам помеѓу нив и да им го прифатам муабетот. Безделници во едно кафуле и јас помеѓу нив.

-Каква е таа политика? Имаат ли тие луѓе воопшто ум? Знаат ли што прават? Не гледаат ли дека народот веќе не ги сака? Дека ептен се разочарани од нив?- ги прашува другите еден со темни очила и залижена коса.

-Да имаат ум не би седеле таму горе, ами овде долу, помеѓу нас. Така ли е, братче?- го прашува седнатиот до него, облечен во бел костум, „братчето“ отспротива со долги црни мустаци.

-Така е,- одговара „братчето“.- Само си го губат времето. Одвреме- навреме прават такви глупости како да ги фаќа паника. Ни дете така не би се однесувало. Никој не ги третира, виде народот колку ги бидува, па сега си го берат гајлето како да направат нешто за да им се каже дека сепак успешно го завршиле мандатот.

-Море, блазе си им. Вака- така, ама тие пак ќе си се снајдат. Ако не повеќе, ај назад во директорските или советничките фотелји. Старите не им гинат и ако паднат од новите,- коментира младичот до мене, со долга распуштена брада.

-Денес е навистина многу тешко да тераш политика,- се вмешувам јас. -Не е се така едноставно како што се мисли. Не е работата во седењето на состаноци, во дискутирањето и гласањето. Има да ти пукне главата од проблеми. И не оти не знаат горните, па ни оди вака работата. Толку се може, толку им даваат оние над нив, и готово. Не се тие виновни поради оние пред нив што правеле и не направиле ношто. Знаат тие како треба и како може, ама повеќе не се може. И не можат луѓето. Колку да сед трудат, не можат. Објективна е ситуацијата.

-Ти како да ги браниш? Да не ти е некој братучед од нив?- ме прашува брадестиот како да ми се заканува.

-Никој ништо не ми е. Да ми беше некој, сега немаше да седам овде со вас и да безделничам. Ќе ми најдеше и мене нешто повисоко, макар од директорските. Но велам, и ним не им е лесно. Тешки се времињава, народов е незадоволен, никој ништо не работи, па како да ги покренеш работите напред? Ете, им минува мандатот, па ќе ги видиме и оние по нив што ќе дојдат.

-А, не!- се вмешува оној во белиот костум.- Веќе не ќе може да дојдат такви како нив. Демократија, другарче, плурализам, повеќепартиски систем, слободен пазар. Ќе си се прашаме дали ќе дојдат исти како нив. Само да ни дојдат новите избори. Уште малку, па ќе пукне работата.

-Ти веруваш во тоа? Се надеваш?- го прашува мустаклестиот.- Нема врска! Ќе се собверат некои вжештени глави жедни за власт и оп...партија формирале! Повеќе партии отколку народ?! Уште малку, па ќе нема што да делат од народот...Јас верувам само во знаењето. Се друго фрли на буниште.

-И таа еуфорија веќе се стишува. Се ќе одживееме и ќе преживееме,- заклучувам јас.- Ете и на национализмот му дојде крајот, се посигурно настапува граѓанската свест...

Веќе немав потреба да дообјаснувам. Белким им е јасно и тоа. Станувам и ги оставам да си го продолжат безделничкиот муабет. Секојдневен утрински, пладневен, вечерен. Со кафе и по некоја чашка. Колку за загревање.

 
Банер

 

Почни го денот со ПАНОПТИКУМ

 
 

 

  Top