НАСЛОВНА ЛИЧНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА ЕДУКАТОР MODUS VIVENDI AJ VOX POPULI БИЗНИС КЛИМА ВРЕМЕТРАЕЊЕ КРЕАТИВЕН РАКОПИС
Писателот Печати Е-пошта

Апстрактно сликарствоЧуден човек беше Петруш. Човек во години, малку поднаведнат во одот како да му тежат. Висок, слаб.

Откако го знам си е таков: на него ветва, но секогаш чиста облека; лицето ту насмеано, ту замислено; со долга негувана брада, секогаш угасено луле во устата и црна шапка измастена по рабовите, како никогаш да не ја симнал од глава.

Го среќавав често, по неколку пати на ден. Молчелив, постојано замислен и загледан пред себе, како да си поставил некоја цел на која никако да стаса, никако да ја достаса. Го среќавав често, по неколку пати на ден. И секогаш со книги в раце, под мишка. Во најлонски кеси, спакувани и врзани со јаже.

Го знаев Петруша како писател. Познат, ценет, помеѓу значајните не само во неговата генерација. Имам прочитано неколку негови книги, поезија и раскази. А колку што јас ја разбирам поезијата, неговата стихозбирка „Огнот“ со право се смета за пресвртница во развојот на нашата современа поезија. Особено со обидот да влезе во јадрото на зборот, тој да се разгради, разбие, да се разголи, за да му се овозможи нов простор во кој времето ќе пулсира на друг начин, со друг ритам. Поезијата да се доближи до музиката, да стане дел од неа, и на тој начин да ја потврди својата апстрактност и универзалност. Ваквото толкување и значење го прочитав и во бројните критики што ја следеа нејзината објава. Во расказите, пак, Петруш експериментира  со структурата на кусиот расказ, но како се уште да не го кажал последниот збор, како досега напишаните да се само најава на нешто што допрва треба да дојде од него, допрва треба да се случи.

Се познавав со Петруша. Не бевме многу блиски, не негувавме некое посебно пријателство, но се почитувавме помеѓу себе, па нашите средби ретко завршуваа само на поздрав и „Како си?“. Напротив, се случуваше и разговор да си направиме на некоја тема или проблем од катадневието. Интересно, никогаш на тема од литературата, за неговото творештво на пример, за она што го работи, го создал и го создава. Освен само еднаш, во ситуација чудна и по малку непријатна за мене, повеќе вознемирувачка за него.

Всушност, тоа и не беше разговор, дијалог помеѓу мене и него, туку негов монолог, истурање пред мене на се што му насобрала душата, на се што му го оптоварува и заробува творешкиот дух и неспокој. Непријатна ситуација за мене оти немав одговори, аргументи на многу негови прашања и констатации.

Особено кога во само неколку реченици кажа се што го измачува во врска со писателот и неговиот статус кај нас:

„Со нашиот писател е така и уште долго нема да се смени: колку е поголем во светот, толку е помал дома. Освен кога треба за надвор, како етикета. Не е проблемот само во плаќањето на творечкиот труд, жива срамота е колку се плаќа, ниту дека за да живее мора да работи нешто друго, па писателската работа му доаѓа како хоби. Се работи за почитување на зборот и мислата на писателот, на неговата мудрост. Ниту ја читаат, ниту ја слушаат.

Може си напишал илјада стихови, илјада раскази. Ама кога нешто ново треба да објавиш, се ќе доживееш од некои уредничиња, наречиписателчиња, скрибомани кои благодарение на политичарите заседнале во фотелјите и добиле моќ се да прават, се да матат, судбината да ти ја кројат. Може и новото да не го објавиш, да не ти го објават, или да чекаш со години додека не те подзаборават оние на кои им пречиш.

И со приватните издавачи е иста маката. Ќе ги признаам кога ќе престанат да објавуваат се и сешто, кога ќе почнат да се борат помеѓу себе за автори и дела“.

И многу друго ми изнакажа писателот Петруш. Автор познат, ценет, помеѓу значајните не само во неговата генерација.

А јас му поставив само едно прашање што лично ме преокупира подолго време, но на кое ниту тој не ми одговори. Веројатно и немаше одговор:

„Зошто објавуваш? За кого? Зарем не ти е доволно, кога ќе успееш, дека си успеал да напишеш песна или расказ, и кога си задоволен од напишаното? Треба некој да те прочита? Зошто лично не му прочиташ на тој што сака да те слушне, да разбере нешто од тоа што го пишуваш?

Зарем не вредат другите начини на презентација, освен преку објава на книга? Што е со електронските медиуми- радиото, телевизијата, носачите на звук, со Интернет, електронското издаваштво? Што е со јавните настапи?

Што би било кога писателите кај нас би се договориле едно време воопшто да не објавуваат свои ракописи? Зарем тоа не е начин нештата да се променат барем малку на поарно?“, го прашав.

Едно големо прашање составено од многу мали, на кое не ми одговори. Немаше одговор или не сакаше да размисли, да го промисли.

 
Банер

 

Почни го денот со ПАНОПТИКУМ

 
 

 

  Top