НАСЛОВНА ЛИЧНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА ЕДУКАТОР MODUS VIVENDI AJ VOX POPULI БИЗНИС КЛИМА ВРЕМЕТРАЕЊЕ КРЕАТИВЕН РАКОПИС
Пријател Печати Е-пошта

ГрафикаМнозина биле, сал еден останал? Не, туку мнозина не биле, сал еден отсекогаш е.

Секогаш е така: треба време да мине за да се покаже и докаже оти не е никој како него. Еден и единствен. За секогаш, за незаборавање, па и во долго невидување.

Токму така. Ни самиот веќе не паметам од кога го немав видено. Од многу одамна. Години неброени. Ми се јави, обајцата не сакавме многу да зборуваме по телефон, па закажавме средба на Плоштадот на Слободата. На клупата пред влезот во Ботаничката градина. За ако ни остане време да влеземе во неа и да ја прошетаме како во студентските дни.

Не можевме да се изнаприкажеме. Јас за мене, низ што се сум минал сиве овие години, по дипломирањето, тој за него што се сторил по докторирањето. Колку сме можеле, колку ни се дало. Нему многу повеќе. Пак ме повика, да појдам со него во странството. Ќе ми помогне да се снајдам, лесно ќе било за мене оти такви како мене, со таква дарба  се ретки таму. Му благодарив, предоцна е. Да појдевме заедно по студирањето...

Години минале пред нас, зад нас, не одминале така, далеку еден од друг. Зошто не сме се слушале, зошто не сме си пишувале? Ете, затоа, од немукает. Сме немале време. Ама тоа ништо не значи.

Да, сме станале семејни луѓе. Тој со две големи ќерки, Надежда и Мира, јас со синот Дрен и ќерката Невена. Не сме смееле да дозволиме да не се познаваат. При следната средба ќе се собереме сите. Кога? Кога ќе и дојде времето. Се надеваме наскоро.

Врмево не било за пријатели? Го потпрашав, ме потпраша, и двајцата одрековме. Не, туку не е за мнозина, ами саде за еден. Може порано и за двајца, тројца прекусила. Мнозина се божем пријатели, кои ќе ти помогнат за да им помогнеш, ќе ти дадат за да им вратиш, дури и повеќе од даденото, ќе те турнат напред за ти утре да ги поттурнеш понапред. Па да, и без нив не се може. Ич не се може.

Така е овде, велам. Ништо не е поразлично таму, во развиениот свет, вели.

И не им завидуваме на оние што се фалат со мнозина пријатели. Блазе си им. Затоа дотуркале високо, се снашле, на висока нога се.

Не ни остана од времето за прошетка низ Ботаничката градина. Можеби следниот пат. Ако си остане на место.

На разделување сакав, ама не го прашав: од кај му е лузната на левиот образ, од што му е. Не му го грди лицето, ама е длабока. Можеби од времето што ни минало во меѓувреме.

Не ме праша, и сум му благодарен затоа, зошто ми се набрало високото чело. Кренато ми е, ама брчките како од ден на ден да се се повеќе и се подлабоки. Веројатно од се што сум минал и надминал без него во меѓувреме.

До следната средба, пријателе.

 
Банер

Почни го денот со ПАНОПТИКУМ

 
 

  Top