НАСЛОВНА ЛИЧНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА ЕДУКАТОР MODUS VIVENDI AJ VOX POPULI БИЗНИС КЛИМА ВРЕМЕТРАЕЊЕ КРЕАТИВЕН РАКОПИС
Home Home MODUS VIVENDI Вредност и минливост Помеѓу загриженоста, очајот и рамнодушноста
Помеѓу загриженоста, очајот и рамнодушноста Печати Е-пошта

Апстрактно сликарствоОтсекогаш не имало, не има и секогаш ќе не има вакви, онакви, такви и секакви. Секое и секакво време ни носи некакво бреме, рекол некогаш некој што го бидувало за изразување во рима и по малку филозофирање. Разликата помеѓу едното, другото, третото е само во тежината и снагата- силата да се носи, да се доноси до целта.

Јасно, разликата е во целите. Најголемата. Во суштина, врти-сучи, мери ваму- сечи таму, излегува дека ние помеѓу себе се разликуваме најмногу според целите што сме си ги поставиле и оние нови што постојано си ги поставуваме.

Јас имам цел да станам чесен, доблесен, алтруист, филантроп; ти со сите сили и на секаков начин работиш да успееш во бизнис(чето), да се афирмираш со умешноста- снаодливоста (со пливањето во матно); овој со талентот, уметноста, делото што го создава; оној се троши докрај, веќе се потрошил кутриот во големата битка да го собере околу себе, да биде што поблиску до него семејството, од најблиските до најдалечните роднини, сосе пријателите околу него; ние се трудиме, вложуваме огромни напори местото во кое живееме и работиме (улица, населба, општина, град, држава) да го направиме што попристојно во секој поглед; вие настојувате ако не се што ви доаѓа при рака или в рака, тогаш што е можно повеќе да приграбите, што повеќе, најмногу да биде само ваше; тие се служат со секакви, и дозволени и недозволени средства за да дојдат на власт, да владеат, а всушност да манипулираат, шпекулираат, да се збогатат преку ноќ, сите околу нив и од сенките да им се плашат.

Такви сме какви што сме (какви што не дал Господ) или какви што треба односно не треба да бидеме?

Треба да бидеме поинакви оти вакви не чиниме?

Да, треба. Секако. Ама не оти вакви не чиниме, ниту оти на други не им чиниме, туку оти не си чиниме на себе си најмногу какви што сме: загрижени, очајни и рамнодушни. Кој како, никој никако, макар нешто „помеѓу“.

Зошто сме толку многу (пред се на број, а потоа „количествено“) загрижени? Затоа што ни е се поневажен денот што сме го почнале (штом сме го почнале ќе го истуркаме вака или онака, некако), а многу, дури единствено важен утрешот или блиската (море најблиската) перспектива.

Основното: дали сум, поточно колку сме (сите заедно) утрешни- перспективни?

Нема потреба сега да редам зошто, како, колку, од кого и со кого, ами е доволно само да го приведам, колку за примеросување, следново: во последно време многу сме загрижени за утрешот со „овие“. Па се почесто си се прашуваме не ќе е ли подобро со „оние“. Најчесто не се ни прашуваме, туку сме дефинитивно сигурни дека најдобро ќе биде со сосема други, нови, „трети“.

И веднаш се допрашуваме: а каде се, кои се, зошто се уште не ни се покажуваат?

Можно ли е во блиска иднина да ни излезат пред очи такви, на кои безрезервно ќе им ја дадеме нашата доверба, а може и само она: „Ај пробајте, ај да пробаме со вас“. Да не сме станале премногу нетрпеливи оти се повеќе сме загрижени?

Се поблиску до очајот? Зарем е можно? А кој тоа се повеќе не доближува до него? Да не сами се доближуваме?

Очајот е последниот, најголемиот, дефинитивниот личен пораз. Колективен не е, затоа што никогаш немало и не може да има очајни колективитети. Ако некои се нашле во таква ситуација, се кревале на нозе и со сила (револуција) ја разрешувале, совладувале, победувале. Личниот очај (или безизлез, сеедно) е последен, најголем, дефинитивен пораз на снагата- силата, но пред се на духот.

Колку ли ги има такви помеѓу нас- духовно поразени? Ги има се повеќе на број? Можно ли е?

А како се „одвива“ поразот?

Мислам дека тој- процесот на поразувањето е многу поважен од самиот пораз. Едноставно, ако постои сознание и свест за него, може лесно да се „интервенира“ навреме и да се сопре. Освен ако некој плански не го води, не го развива.

На пример, во изминатиов транзиционо- реформски процес не „успеавме“ (во наводници, бидејќи не сум сигурен во настојбата) да формираме тн. средна класа. Но затоа, пак, можеби токму како меѓуфаза, ги „дотеравме“ класите до своите крајности: ептен богата (полит-бизнис олигархија) и ептен сиромашна. А за вторава беше потребен навистина „голем“ напор. Воопшто не беше и не е лесно (процесот е се уште во тек) да се постигне таков „успех“: земјава да ја направиш еден од „лидерите“ во регионов, во Европа, па и во целиот свет- според процентот на сиромашно население. Е, тоа не може да се постигне ако не се предизвика, меѓу другото, и очајот (се разбира, егзистенцијалниот).

Еден поразителен факт: бројот на очајни луѓе е енормно голем според бројот на самоубиствата (најмногу од очај). За што, барем досега, никој се уште не се сетил да организира барем некаква, се разбира меѓународно донирана- спонзорирана „експертска“ конференција или акција.

За политиката и политичарите подолго време најголем проблем е рамнодушноста. Дури кај нив, како што се доближуваат следните избори, се повеќе расте стравот од неа. Дали ќе успеат да го „обработат“ народот (со политичкиот маркетинг) до степен самиот да се „разбуди“ од неа, да ја совлада?

А кој тоа го доведе, го смести во неа? Можеби од незнаење и неукост, ама мудроста одамна „рекла“ дека рамнодушноста се раѓа од неисполнети ветувања. Најнапред едно или неколку предизвикуваат „породилни болки“ кои се нарекуваат разочарување, а кога ќе се намножат да не можат да се избројат се раѓа таа- рамнодушноста. И расте правопропорционално со бројот на „рожбите“. До тотална апатија или пасивизација доаѓа во оној момент кога и последното ветување ќе се покаже како лага, измама, шпекулација, манипулација.

Дали знаете кој е помеѓу загриженоста, очајот и рамнодушноста?

Ти, Човеку (со почетна голема буква)! Ти Граѓанину (исто така со голема почетна)! Со човечка (човечна, хумана, широка) и граѓанска (рационална, творечка, вредносна) свест. Ти, кој знаеш што треба да направиш, кон што треба да се упатиш, кој ти е првиот чекор за да излезеш од состојбата помеѓу.

Време Ти е да го направиш!

 

 

 
Банер

 

Почни го денот со ПАНОПТИКУМ

 
 

 

  Top