| Политичарите помеѓу шоу и бизнис |
|
|
|
Светските политичари се однесуваат шоуменски, кои повеќе, кои помалку успешно. Се разбира многу „посериозно“ отколку, на пример, естрадните ѕвезди. Треба ли да се спомнува без дилема најголемиот докажан шоумен помеѓу нив, италијанскиот премиер Силвио Берлускони?Исто така, најмногу од својата политичка дејност тие „претвораат“ во бизнисменска „претстава“ или во „политичко-бизнисменска“.
Сепак, кога станува збор за политичарите се чини најсоодветно е да се каже дека особено светскиот „шоубизнис“ најмногу се врти околу нив.
На пример (избор од најнови вести и информации):
Астрологот Хасана ал-Чарни од Тунис, познат како арапски Нострадамус, досега испорачал неколку успеси во прогнозирањето на настани: ја предвидел смртта на принцезата Дајана, на палестинскиот водач Арафат и на кралот на попот Мајкл Џексон. Меѓу другото, прогнозира дека годинава ќе биде убиен Барак Обама!
-Годинава ќе биде одлична за папата Бенедикт 16-ти, кој ќе придонесе за постигнување на согласност помеѓу христијаните и муслиманите, но лоша за италијанскиот премиер Силвио Берлускони, како и за многумина други политичари на чело со американскиот претседател барак Обама, кој би можел да го загуби животот. Годинава ќе биде лоша и за египетскиот претседател Хосни Мубарак.
Хасана ал-Чарни на Берлускони му предвидува црна хроника и политичка пропаст, која ќе уследи и поради физичко слабеење по неодамнешниот напад во Милано.
За папата Бенедикт 16-ти успехот во односите со муслиманскиот свет ќе биде особено значаен, ако се има предвид неговиот говор во Германија во 2006-та година откако против него протестираа во исламските земји.
Тунискиот астролог му предвидува на Обама „ненадеен, дури и трагичен крај“, односно „смрт во ненормална ситуација“.
Техеран ќе ја доведе до крај својата нуклеарна програма и ќе развие воена индустрија како политички притисок.
Мубарак ќе има здравствени проблеми, но и некоја од земјите на северна Африка ќе остане без својот водач.
Оваа година лошо ќе заврши, веројатно ќе умре францускиот пеач Џони Холидеј, а екипа на европска земја ќе победи на Светското фудбалско првенство во Јужноафриканската Република;
Со помош на архитекти и еколози принцот Алберт II од Монако иницира и поддржа проект на градба на острови со големина од 50.600 метри квадратни кои ќе бидат подигнати на посебни платформи.
-Поради недостиг на простор и густина на населеност, принцот одлучил своето кнежевство од копно да го прошири на море со градба на вештачки острови со луксузни станови, уреди и јавни површини.
Платформите на кои ќе бидат подигани островите ќе бидат слични на оние за вадење на нафта и гас од морето. Проектот е вреден помеѓу 5 и 10 милијарди евра.
Како што објави британскиот „Дејли Телеграф“, проектот лани бил одложен поради економската криза и можните еколошки последици. По консултации со бројни стручњаци, Аберт II сега се решил за реализација зашто платформите на кои ќе се гради ќе го зачуваат подморјето и ќе бидат пример на заштита на екосистемот. Неговите советници го нарекуваат принцот „зелен принц“, зашто вози електричен автомобил и активно учествува во борбата против глобалното загревање.
Жил Тонели, советник на Монако за урбан развој, планирање и околина, изјавил дека ги водела логиката оти во една деценија се потребни околу 300.000 квадратни метри простор. Според мошне прецизни пресметки, по 2020-та година на копното веќе ќе нема доволен простор.
Во интервју за „Л Паризиен“, принцот Алберт изјавил дека новиот проект мора да биде „модел на одржлив развој“. Исто така ветил дека Монако ќе го намали испуштањето на штетни гасови 30% до 2020-та, односно 80% до 2050-та година.
Градбата на островите би требало да започне околу 2015-та, а водечки светски архитекти како Норман Фостер и Даниел Либескин понудиле свои решенија.
Проектот ќе му овозможи на Монако покрај досегашните 32.000 жители да добие уште 4.000;
Француската јавност ја критикува првата дама поради влијанието што го има врз претседателот Николас Саркози. Некои високи членови на неговата партија сметаат дека „сопругата го држи под папуча“.
-Првата дама на Франција, Карла Бруни Саркози, успеала да го вработи својот пријател во Министерството за култура, иако пред тоа поверенството за вработување одлучило дека не е доволно квалификуван за таа работа. Писателот, стилист, дизајнер и консултант Франсоа Бодо (60), долгогодишен пријател на Крала Бруни и кум на нејзиниот син од врската со филозофот Рафаел Ентовен, добил работа на главен инспектор во Министерството за култура по интервенција на претседателот Саркози. Како што тврди „Дејли Телеграф“, Бодо сега ќе работи со друг близок пријател на првата дама, министерот за култура Фредерик Митеранд.
Француското списание „Л Поан“ тврди дка има информации според кои Бодо по службеното одбивање е примен на работа со интервенција на Саркози, премиерот Филон и министерот Митеранд. Исто така признава дека Бодо има прилично добра биографија за бараната работа, зашто веќе бил владин повереник за музеи и споменици.
Аферата со Бодо додатно ги поттикна критиките на сметка на Карла Бруни поради местење на работа. Именувањето на Бодо се случи непосредно по истражувањето на јавното мислење кое покажало дека речиси половина Французи веруваат дека Карла Бруни се плетка во работите на својот сопруг и водењето на француската политика. Списанието „Л Поан д Ву“ дури ја опишал како нова Марија Антоанета, која го маѓепсала Саркози со својот социјалистички светоглед. Некои високи членови на неговата партија УМП наводно му приговориле „зашто сопругата го држи под папуча“.
По критиките на своја сметка Карла Бруни започнала медиумска кампања за да ја разувери нацијата дека владее од сенка. На списанието „Ел“ му изјавила дека е „политички некомпетентна“:
„Мојот сопруг не е пудличка која понизно слуша заповеди. Врз него не може да се влијае. Ние воошпто не разговараме за политиката, зашто јас за политиката воопшто не сум компетентна“.
Поранешната гувернерка на Алјаска и републиканска потпретседателска кандидатка на САД во 2008-ма година, Сара Палин, се враќа на своите ТВ-почетоци и ќе ја води емисијата „Вистински американски приказни“.
-На „Фокс Њуз“, ТВ-станица озлогласена поради десничарски ставови, со чиј слоган „fair and balanced“ („чесно и непристрасно“) се исмеваат и десните и левите, Сара Палин, која е без работа откако во април дала оставка на местото гувернерка на Алјаска, повремено ќе ја води емисијата „Real American Stories“, нова серија со вистински приказни за Американци кои минале низ животни неволји.
„Одушевена сум оти и се приклучувам на надарен тим и сјајна управа на „Фокс Њуз“. Прекрасно е да се биде дел од нешто такво кое толку ги цени чесните и непристрасните вести“, изјавила Палин на интернетската страница на ТВ- станицата.
Харизматичната политичарка, која со својата појава ја освои крајната десница на САД, но стана и предмет на жестоко исмевање поради својата неинформираност и тврдоглави ставови, дипломирала ТВ-новинарство на колеџ во Ајдахо и во 1988-ма повремено работела како спортска коментаторка за станицата KTUU-TV од Анхорац (како Сара Хет, тогаш се уште не била мажена). Работата ја напуштила поради премала плата, а уредникот на спортската програма Џон Карпентер се сеќава на неа како вредна работничка која уживала во секој аспект на својата работа:
„Го познаваше спортот, знаеше да зборува за него, добро изгледаше на екранот. Имаше наклонетости за таа работа, тоа е несомнено“;
И нешто необично за една неполитичарка. Всушност, ниту се знаеше, ниту се знае што е таа. За многумина ништо, освен една размазаена богаташка и сексуално прилично „слободна“: Парис Хилтон. Вестите за неа ретко можат да се наредат во рубриката Култура, но и тоа се случи. Се најде во завидно друштво на мудреци.
-Хилтон се појави на сосема неочекувано место- во Оксфордскиот речник на цитати покрај, на пример, Стивен Хокинг и Оскар Вајлд. Што мудро изјавила таа?
„Облечете се симпатично каде било да одите, животот е прекраток за да бидете безлични“.
Имено, се работи за седмо издание на престижниот речник на цитати. Помеѓу интересните лица
чии цитати се појавуваат во изданието е и Сара Пелин, поранешната кандидатка за потпретседателка на САД, со својата изјава:
„Која е разликата помеѓу 'hockey mom' и питбул? Кармин за усни“. („Hockey mom“ е назив со кој Палин ја нарекла „обичната мајка која оди да гледа синови на хокеарски напревари.)
Во речникот се нашол и цитат на Барак Обама: „Лакот на историјата е долг, но се свиткува кон правдата“, кој е мошне сличен на цитатот на Мартин Лутер Кинг од 1968-ма година.
Во најновото издание се наоѓаат и мошне стари цитати, како на Конфучиј или на Томас Џеферсон, а уредниците сметаат дека некои се секогаш актуелни.
|







Светските политичари се однесуваат шоуменски, кои повеќе, кои помалку успешно. Се разбира многу „посериозно“ отколку, на пример, естрадните ѕвезди. Треба ли да се спомнува без дилема најголемиот докажан шоумен помеѓу нив, италијанскиот премиер Силвио Берлускони?










