| За моментно најмоќните помеѓу славните |
|
|
|
Интересно е што „Форбс“ годинава за првпат постави нов, „дискутабилен“ критериум: присутност на ѕвездите на социјалните мрежи Фејсбук (Facebook) и Твитер (Twitter). Сепак, доминантни за стотината најмоќни познати и славни се нивната заработувачка и прустноста во медиумите.
Очекувано, одамна познато, на првото место е Опра Винфри (Oprah Winfrey). Минатата година „главна“ беше Анџелина Џоли (Angelina Jolie), која сега „доживеа“ огромен пад- се пласира на 18-тото. Втора е пејачката Бијонсе (Beyonce), а трет филмскиот режисер Џејмс Камерон (James Cameron). Во светот на филмот за него се вели дека се што ќе допре претвора во злато, притоа имајќи ги предвид огромните успеси на „Титаник“ и „Аватар“. Од новите „фаци“, кои досега не биле воопшто присутни на листата, а веднаш се пласираа во врвот, изненадува 4-тото место на контроверзната, инаку просечна пејачка Лејди Гага. Се потврдува дека е мошне вешта во продавањето на својата просечност, поточно „изнасилена“ контроверзност. Како и Бијонсе, во врвот ја „постави“ исклучително успешната 2009-та година, а пред се светската турнеја и потпишаните извонредно поволни договори.
Се забележува и 8-та позиција на Сандра Булок (Sandra Bullock), добитничка на „Оскар“ за најдобра женска главна улога во филмот „Приказна за првакот“, но и на „Златна малина“ за улогата во романтичната комедија „All about Steve“.
На листата првпат се и глумицата Кирстен Стјуарт (Kirsten Stewart), на 66-то место, и нејзиниот колега Роберт Патинсон, на 50-тото.
Други попознати од познатите и моќните на листата на „Форбс“:
Брус Спрингстин (Bruce Springsteen) е 17- ти, Мајкл Џордан (Michael Jordan) 20-ти, Стивен Спилберг (Steven Spielberg) 22-ри, Дејвид Летерман (David Letterman) 24-ти, Доналд Трамп (Donald Trump) 33-ти, Кристијано Роналдо (Cristiano Ronaldo) 48-ми, Леонардо ди Каприо (Leonardo di Caprio) 71-ви, Кејт Мос (Kate Moss) 91-ва итн.
|





















