| Исихазам |
|
|
|
Се работи за начин на аскетски подвиг и молитвен, мистичен живот во православната црква на Исток, кој во 13-от и 14-от век доживеа значаен процут пројавен како широко монашко- црковно движење во Света Гора, во Византија, на Балканот и потоа во Романија и Русија. Исихастичкото практикување на молитвен, прибран, контемплативен живот, кое влече корени од раните монашки центри на христијанскиот Исток- Кападокија, Египет, Синај, Цариград- започнува со покајување и сестрани подвизи за очистување на душите во телата од страсти и за стекнување на благодатни добродетелства, а продолжува со постојано, продлабочено практикување на внатрешната умно- срдечна молитва Исусова (што може, но не мора да вклучува и одредена психосоматска „техника“), но и со учество во заеднички евхаристички живот на црквата. Плод на таквиот подвиг е реалното искуство на облагодатување на се во човекот, вистинско доживување на видението и на телесните очи на божествената несоздадена светлина, како апостолската на гората Тавор при Христовото преображение. Теолошките импликации на исихастичкото духовно искуство се мошне значајни: тие водат кон непосредно изворно богопознание, сходно на кое Бог се јавува и му дава во заедништво на човекот со своите вечни и несоздадени енергии (кои се самиот личен Бог во своето дејство), при што тој останува со својата божествена суштина неизменет и непричестен, несоопштлив и недостапен. Така, исихастичката теологија е жива реинтерпретација на библиската вистина за вистинското богооткривање и богоопштење. Исихазмот имаше позитивни последици и на сиот останат живот и културата на христијанскиот Исток, на обликувањето на целокупната животна филозофија на православните народи низ вековите. Главни носители на исихастичкото искуство биле, во вековите на процутот, Симеон Студит, наречен Нов Богослов (10-ти-11-ти век), Григориј Синаит (13-ти- 14-ти век) и Григориј Палама (14-ти век), со поголем број на следбеници во сите православни народи. Исихастичкиот начин на духовен живот и денес е во практика, најмногу на Света Гора. |







Значи внатрешен спокој, тихување.













