|
Во се треба да се има мера, во се да се биде умерен. Значи, ништо премногу, ништо премалку; ништо прерано, ништо предоцна.
Ова сме што сме, овде сме до кајшто сме, меѓу другото и затоа што премалку правевме, а премногу баравме; прерано скокавме високо, а предоцна се замисливме длабоко.
Сепак, ништо не е предоцна ни премалку доколку ја најдеме вистинската мера, доколку конечно почнеме да се учиме на умереност.
Македонски народни пословици:
-Го милуат веќе од мерата надвор;
-Мера- вера;
-Со мера продаа, ама оката триста драм да ја дава;
-Сос јак не се бори а сос богат не се мери;
-Кога даваш со мера права, секој те веруат;
-Селска (или опшча) мера (дома) не се држит.
Кога ќе земеш општо (заедничко) нешто за да свршиш со него некоја своја приватна работа, треба бездруго да го вратиш; зашто тоа му припаѓа на цело општество, на многумина, па може да му притреба и на друг. Оваа пословица често се употребува по гозбите, каде што кога ќе му го подадат на еден грнето со вино да се напие, тој не треба да го држи многу време кај себе, ами да тргне и да му го подаде на друг седнат до него; зашто по него има уште многумина што го чекаат. (Шапкарева белешка: Доскоро по нашиве места, а по селата и до денеска, по гозбите гостите не пиеја вино со чаши, ами со полно грне што си го подаваа еден на друг по ред по трпезата.) Во противен случај му се вели горната поговорка, за да се потсети та да го подаде поскоро грнето.
Пословици од народите на светот:
-Кравата знае колку и е доста (Германија);
-Не се грижам за големата чинија кога и од малата можам да се најадам (Полска);
-Ракот рие јама според својата лупешка (Јапонија);
-Сигурно чекори оној што ги мери своите чекори (Италија);
-Кој самиот не се мери, го мерат него (Германија);
-Не го товари врз себе она што не можеш да го поднесеш (Србија);
-На едно магаре еден самар му е доста (Хрватска).
|