| За ќефот-задоволството и незадоволството |
|
|
|
Кога ќе почнат промени, ќе те обземат со својот ритам, секогаш си помеѓу задоволството и незадоволството. Задоволен си оти ти одговараат, добиваш со нив и од нив, во зијан не си, а може и да станеш еден од оние што ќе ги продолжат до нова цел, до нов квалитет на животот.
Поради незадоволство ништо не ти оди од рака, ништо не ти е право, никој не знае и не може колку што знаеш и можеш ти, ама што вреди кога секјој си го гледа само своето и да биде во кругот на оние што местат и разместуваат. Поради незадоволство дури и нервите не си ги контролираш, личноста не умееш да си ја одбраниш.
Од ќеф со секого можеш да играш и пееш, да се радуваш и да се смееш, а кога ќе ти се стемни пред очи дури да зборуваш забораваш. Та затоа труди се, ако треба мачи се темнилото да не ти падне. Ако, пак, мора, да не те ослепи во вчера и во денес сосе утре.
-Дури на богатиот да му дојт ќејфот, на сиромајот ќе му излезит душата;
Богатите не им сочувствуваат на сиромасите и не ги сожалуваат, ами си го гледаат само своето задоволство.
-На чорбаџијата ќефо додека да му дојде, на сиромао душата ќе му искокне;
-За ќефот твој не си го пукам меот мој;
-На богатио дури да му дојди ќеот, на сиромајо ќе му стоит празен меот;
-Пијаницата саде ќев терат, а децата без леб седат;
-На незадоволните ниедна столица не им е удобна;
-Кој е со малку задоволен секаде наоѓа богата трпеза;
-Незадоволен стомак бразда не ора.
Пословици од народите на светот:
-Бев бесен оти немам чевли; а тогаш сретнав човек без нозе и бев задоволен со својата судбина (Кинеска);
-Задоволството е како каменот на мудреците, кои се што ќе допрат претвораат во злато (Англиска);
-Задоволството почесто живее во колиба отколку во палата (Англиска);
-Кукавицата исто така се весели на своето пеење како и славејот на своето (Холандска);
-Ништо нема оној кому ништо не му е доволно (Португалска);
-Доволно има оној кој е задоволен со она што го има (Португалска).
|







Кога ќе почнат промени, ќе те обземат со својот ритам, секогаш си помеѓу задоволството и незадоволството.













