| Младите и жените во земјоделството |
|
|
|
А токму семејната традиција е засега најчеста основа, што е од посебна важност за руралниот развој, пред се за оживување на „мртвите“ села и напуштеното земјоделско земјиште. Сепак, суштинскиот проблем за многумина млади останува нерешлив, па секој конкретен обид на тој план е за поздравување: недоволен и несоодветен пристап до информации за овој бизнис (несоодветниот најмногу се однесува на вклученоста и користењето на Интернет мрежата). На тој план е за поздравување континуираната акција на Федерацијата на фармери за развој на мрежа што на младите ќе им овозможи пристап до информации и зголемување на нивното неформално образование. Не се знае колкав е бројот на младите кои се занимаваат со земјоделство, но е евидентно дека од ден на ден тој се зголемува, посебно кај женската популација, што е особено интересно. Се разбира, овој феномен, ако може да се третира како таков, треба да се анализира од повеќе аспекти. Во контекстов е важно што за нив „земјоделка“ се повеќе „гордо звучи“. Тие се рамноправни учеснички во секојдневните земјоделски работи. Веќе не е мал бројот на жени- успешни менаџери, кои направиле и водат- развиваат кооперативи. Во ситуација на енормна невработеност во земјава, како и се помалите шанси за „бегање“ во странство, модерното земјоделство односно фармерството во Република Македонија нуди големи можности за лична и семејна егзистенција, па и богат живот (со сите негови значења и содржини). На тоа особено му соодветствува моментната (повеќедецениска) заостанатост на руралниот дел од државава. Меѓу другото, со мали вложувања може да се обезбеди солидна база (пред се евтино земјиште, користење и прилагодување на „каква-таквата“ инфраструктура, инвестиции во земјоделски гранки односно капацитети што се или можат да бидат во функција на развојот на селскиот туризам итн.). Притоа, се разбира, како во секој друг бизнис, најважна е личната способност за антиципација која, меѓу другото, подразбира и минимален ризик.
|







Воочена е една појава што дава надеж дека Република Македонија на економски план конечно почнува да се наоѓа себе си, односно да ја „отвора“ својата перспектива: земјоделството станува се попривлечно за младите, без оглед на бројните проблеми што го демнат и следат на секој чекор. Младите се се повеќе убедени дека како фармери имаат можност за формирање и развивање на модерен индивидуален и семеен бизнис.













