| Лути пиперки, лук и кромид |
|
|
|
Најнови откритија за користа од јадење на лути пиперки: Едно хемиско соединение, што се наоѓа во чили пиперките, ги убива станиците на карцином на простатата, а може да биде користено и за намалување на болката по хируршка операција, тврдат научниците. Капсаицинот, состојка поради која пиперките (чили) се толку лути, судејќи според резултатите од истражувањето објавено во списанието Cancer Research, ги убива станиците на карциномот на простатата. Почетните експерименти со станици на лабораториски глушец покажуваат дека капсаицинот предизвикува станиците на карциномот да се „самоубиваат“. Авторите на ова истражување се надеваат дека нивниот следен чекор ќе биде да го испробаат учинокот на капсула на капсаицин кај пациенти со карцином на простата. А дански истражувачи утврдиле дека постоперативната болка еден ден ќе може да се контролира со хемикалии кои ги содржат чили пиперчињата. Чувството на здрвеност, што го предизвикува капсаицинот од нив, би можело да биде мошне корисно. „Чувството на здрвеност го предизвикува нервниот фибер кој го активира капсаицинот, така што фиберот не може да согори или да спроведе болка која нормално се чувствува“, вели доктор Еске Асванг. Луѓето кои имаат артритис веќе користат против болка крема со капсаицин. Доктор Асванг сакал да утврди дали пречистениот капсаицин може да ја намали болката по хируршка операција. „Едноставно го инектиравме како течност, ја затворивме раната и потоа ги посматравме пациентите наредните четири недели“. Тој објаснува дека пациентите што го оперирале слепото црево, а примиле капсаицин, чувствувале значително помала болка по операцијата отколку пациентите кои не ја примиле таа состојка. Асванг вели дека сега треба да се истражи дали капсаицинот им помага на пациентите кои се подложени на многу посложени операции, со подолг период на опоравување. Тој сепак предупредува дека тоа не треба да се испробува дома: „Можете да се инфицирате ставајќи обични чили пиперчиња на раната, што се разбира не е пожелно“. Не јадете лук поради „непријатен мирис“? Многу грешите. А и зошто е „непријатен“? Кој не би сакал да го олесни работењето на срцето, да ги опушти крвните садови и да ги снабди органите со доволно количество на кислород? „Најсмрдливиот“ од сите познати лекови со векови ви стои на услуга. Јадете лук, и тоа секојдневно! Доволно е сосема мало количество. Научниците откриле зошто конзумирањето на лук го одржува здравјето на срцето. Клучот е во алицинот, материја одговорна за озлогласената сулфурна миризба, се вели во студијата на еден тим од Универзитетот Алабама. Алицинот се разградува на помали состојци кои реагираат со црвените крвни зрнца и создаваат спој кој ги опушта крвните садови и овозможува добар проток на крвта. Освен тоа, го намалува притисокот и овозможува преку крвта да се пренесе повеќе кислород до органите, како и да го олесни работењето на срцето. Треба да бидеме внимателни само со концентратите на лук што се продаваат во аптеките. Преголемите дози би можеле да ја проретчат крвта и да предизвикаат крвавење. А за користа на кромидот? Можеби не знаете дека состојката на кромидот, која спаѓа во групата на антиоксиданси флавоноиди, може да го спречи хроничното воспаление и последичната артеросклероза, велат британски научници. Се работи за спојот кверцетин, кој е присутен и во чајот, јаболката и црното вино. Се покажало дека споевите настанати со разложување на кверцетин во организмот, можат да ја спречат појавата на хронични воспалителни процеси кои придонесуваат за создавање на наслаги на ѕидовите на крвните садови. Тестирањата на британските научници сугерираат дека конзумацијата на 100 до 200 грама кромид може да има значително влијание врз намалувањето на воспалителни процеси кои можат да доведат до болести на срцето и мозочен удар. |




















