НАСЛОВНА ЛИЧНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА ЕДУКАТОР MODUS VIVENDI AJ VOX POPULI БИЗНИС КЛИМА ВРЕМЕТРАЕЊЕ КРЕАТИВЕН РАКОПИС
Home Home ЛИЧНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА Економски лексикон Државни долгови и државни или јавни заеми
Државни долгови и државни или јавни заеми Печати Е-пошта

Државен долгДржавните долгови се финансиски обврски настанати од тековното работење на државата, најчесто од договорени- реализирани заеми. Според своето настанување, тие се делат на управни и финансиски долгови. Управните настануваат од тековното работење на државата, дома или во странство. Финансиските долгови обично се нарекуваат државни долгови.

Тие настануваат кога државата не може своите расходи да ги подмири со остварените приходи. Се делат на летечки (привремени) и фундирани. Летечките долгови настануваат во текот на самата буџетска година, поради временско несогласување во остварувањето на приходите и во извршувањето на расходите. Фундираните долгови настануваат претежно со склопување на долгорочни заеми.

Според земјата во која се наоѓаат доверителите, заемите односно долговите се делат на домашни и странски. Домашните ги запишуваат сопствените граѓани, а посредуваат домашни банки. Собирањето на финансиски средства се врши обично по пат на емисија на обврзници или рентовни исправи (скратено ренти). Тоа се вредносни хартии кои државата како должник ги издава во висина на заемот.

Заемите во поширока смисла се делат на повратни (ануитетски) и на рентовни. Кај повратните државата се обврзува дека заемот ќе го врати во одредени рокови и во меѓувреме ќе плаќа камати на должничкиот дел на заемот. Кај рентовните заеми главнината во начело не се враќа, туку државата се обврзува дека ќе ги плаќа само каматите (рентата) на неограничено време. Поради тоа каматната стапка може да биде и нешто повисока.

Во многу држави обврзниците се предмет на трговија и берзански спекулации. Цената по која тие во еден час се продаваат е нивниот курс. Висината на курсевите на државните долгови зависи и од финансиските прилики и кредитниот углед на државата, како и од висината на општата каматна стапка во земјата.

Отплатата на заемот се врши по отплатна основа (амортизационен план) во полугодишни или годишни ануитети. Количеството на обврзници, кое е соодветно на висината на отплатата содржана во ануитетот, се отплатува на начин што се ждребуваат серии и броеви на обврзници. Може да се предвиди и право на државата и пред рокот да го отплати заемот во целина или делумно. Државата може обврзниците и да ги откупи за на тој начин да го намали долгот повлекувајќи обврзници од прометот.

Консолидацијата на долгот е претворање на повеќе долгови со различни услови и рокови во еден долг со единствени услови, или претворање на летечки долг во фундиран, или, пак, претворање на повратен заем во рентовен.

Конверзија на заем или заеми е промена на некои услови на заемот, а најчесто се однесува на каматната стапкла или на рокот на отплатата. Конверзијата на државните заеми може да биде доброволна и принудна. Мораториум на заеми е привремено запирање на отплата на државните заеми, а државата го прогласува поради тешкотии настанати во стопанството, елементарни катастрофи, војна и сл. Репудијација на државните заеми е одбивање на државата да ги плати своите заеми.

Државните или јавните заеми се заеми кои државата или потесна општествено- политичка заедница ги зема за покритие на буџетски дефицит, за финансирање на големи инфраструктурни инвестиции (патишта, пристаништа, железници), за финансирање или кредитирање на изградба на домашна индустрија, за финансирање на вооружување или војна. Државниот заем е вонреден приход на државата кој од редовните приходи се разликува според тоа што државата мора да го врати од своите редовни приходи (даноци и приходи од државното стопанство).

Државните заеми се делат на летечки, кај кои државата се задолжува кај централната банка без издавање на обврзници или други краткорочни вредносни хартии, и на консолидирани, кај кои државата се задолжува кај други банки освен кај централната, кај правни и физички лица со издавање на вредносни хартии, првенствено обврзници. Државните заеми можат да бидат доброволни и принудни, домашни или внатрешни и странски, фундирани (ако нивната отплата е загарантирана со некој државен приход или буџетот во целина) и нефундирани, ануитетни (ако на доверителите според отплатната основа- амортизациониот план полугодишно или годишно им се отплаќаат главнината и каматите) и рентни- рентовни (ако државата се обврзува само на плаќање на каматите, кои се обично нешто повисоки, а главнината ќе ја отплати кога тоа и одговара). Кај лутриските заеми од еден дел од каматите се формира фонд, од кој при извелкување на одреден број на акции за исплата на некои од нив се плаќаат добивки и премии.

Државните заеми се користат како средство на фискалната и монетарно- кредитната политика. Како средство на фискалната политика тие префрлуваат дел од даночниот товар од сегашните на идните генерации, затоа што, на пример, долгорочниот заем за изградба на некои инфраструктурни објекти пласиран во странство ќе се отплатува од данокот кој ќе го плаќаат и новите генерации. Како средство на монетарно- кредитната политика, централната банка може со купување и продажба на обврзници на државниот заем да дејствува врз зголемувањето или намалувањето на паричната маса. Обврзниците на државниот заем имаат привилегија со нив да може да се тргува на берзата без вообичаената претходна постапка која важи за останатите вредносни хартии. Нивниот курс зависи од довербата во кредитната способност на државата и од односот помеѓу каматите кои ги носат и постојните пазарни (банковни) каматни стапки.  

 
Банер

 

Почни го денот со ПАНОПТИКУМ

 
 

 

  Top