| За човечкото достоинство |
|
|
|
Кариеризмот, како и низа други негативни појави кај нас, кои со продлабочувањето на кризата и одлагањето на радикални решенија за нејзино решавање (тоа жаргонски се нарекува „шминкање на состојбата“), често го поврзуваме со човечкото достоинство. Дури, сметаме дека е поправилно ако поврзувањето, поточно спротивставувањето го поставиме обратно: човечкото достоинство наспроти кариеризмот и другите „изми“ слични на него. Оти, познато е, најчесто и најмногу страда токму тоа. Системот што го почитува човечкото достоинство исклучува секаква (зло)употреба (психичка или физичка) на човекот, на начин со кој се навредува човечкото достоинство и самопочитувањето (дури и во затворите, болниците, во зарбоеништво). Може да се говори и за изведени видови на достоинства кои некому му припаѓаат според класната, професионалната, стварната, половата итн. припадност (достоинство на работникот, достоинство на воено лице, наставник, лекар итн., достоинство на децата, старите лица, родителите итн., достоинство на жената, мажот итн.). Мислењата и сфаќањата за достоинството се културно и општествено условени, што ќе рече дека се менуваат. Најопштиот етички систем на човечкото достоинство го изградил Кант со својата максима дека човекот никогаш не смее да се употребува како средство, туку само може да му биде цел на друг човек. „Ти немаш достоинство, ти си нула од човек, ти си манипулант, безобѕирник, никаквец, ништожник“, му велите, му подвикнувате, му викате на оној во кого нашле „плодна почва“ зрното на простотилакот, бесрамноста, во кого царува бедата на духот. И имате право. Само, водете сметка да не си го изгубите гласот од премногу викање. А и нема којзнае какво фајде од него. Поарно е да почнете војна против нив. Макар војувале сами. |




















