| Возрасните и деловното образование во контекстот |
|
|
|
Предавачи, тренери, едукатори итн., кои работат со возрасни, поради тоа би требало да имаат основни сознанија за тоа како возрасните учат, како расте нивното сознание и искуство, а и како е можно да се остварат саканите цели на возрасните во смисла на развој на човечките потенцијали.
Постојат основни разлики помеѓу младите кои се образуваат и возрасните кои професионално се усовршуваат. Младите главно зависат од други во однос на материјалот за учење и психолошката поткрепа, односно „управувањето со животот“. Со други зборови, нив ги насочуваат други, додека возрасните се насочуваат сами. Возрасните зависат од самите себе си кога е збор за „управување со животот“. Децата главно го учат/ научуваат она што ќе им се каже дека треба да го научат, додека возрасните најдобро учат кога гледаат потенцијален исход/ резултат кој може да им биде од лична корист. Младите допрва треба да го искусат животот и имаат способност за брзо впивање на новото знаење. Возрасните, пак, од друга страна, го искусиле животот и учат побавно иако учат успешно. Бидејќи младите имаат недоволно животно искуство, тие се отворени спрема новите идеи и подготвено ќе ги прифатат. За разлика од нив, возрасните имаат сопствено искуство, мислење и сознание и можат да ги „отфрлат“ новите информации ако не се вклопуваат во нивното веќе постоечко искуство. Поголемата ментална флексибилност е одлика што ја поседуваат младите. Младите учат оти им рекле дека со диплома в раце ќе имаат подобра иднина, но возрасните очекуваат ново-наученото да биде моментно применливо во нивниот живот. Надворешната (екстринзична) мотивација, како што се добрите оценки и пофалби на родителите и професорите, имаат влијание врз младите, додека кај возрасните преовладува внатрешната (интринзична) мотивација. Чувството на постигнување, успех, самовреднување и поголемо самопочитување им е важно на возрасните.
Постојат 10 најчести и специфични фактори кои се однесуваат на возрасните што учествуваат во процесот на целоживотно учење, а можат да им помогнат на предавачите/ едукаторите и на сите оние кои работат со возрасни во прилагодувањето на начинот на работа и подоброто разбирање на возрасните: 1.Фактор на мотивација- ако постои причина, намера или цел поради што се учествува во едукацијата (тренинг, семинар итн.), тогаш возрасното лице ќе биде помотивирано. Во тој случај предавачот, тренерот итн. повеќе треба да се насочи на методите и техниките на пренесување на содржината на ефикасен и занимлив начин. 2. Фактор на контрола- возрасните имаат вродена потреба за контрола на нивниот живот. Тие треба да бидат самонасочени и да преземат одговорност за самите себе си. Тие сакаат да имаат активна, а не пасивна улога во сопственото професионално усовршување. Поради таа причина би било пожелно да се вклучат во планирањето на деловното усовршување/ образование во рамките на фирмата или институцијата. 3. Фактор на искуство- свесно или потсвесно, возрасните го поврзуваат новото учење со она што веќе го знаат, што го сознале, било со животното искуство или по пат на образование. Тие ги проценуваат новите информации/ идеи/ знаења со оглед на постоечкото искуство. 4. Фактор на различност- возрасните меѓусебе се разликуваат според животното искуство и годините. Таа различност може да ги облагороди процесите на образование со употреба на заеднички дијалози и групни дискусии или проекти. Поради тоа, едукаторите треба од една страна да осигураат повеќе време за поврзување/ networking помеѓу учесниците во едукациите, а од друга да ги подготват предавањата, тренинзите итн. на начини кои одговараат на сите стилови на учење. 5. Фактор на годините- брзината на учење опаѓа со годините, но длабочината на разбирањето/ учењето се зголемува. Со целоживотното учење возрасните му осигуруваат флексибилност на мозокот спрема новите информации и знаења и поголема можност за "впивање" на истите. 6. Фактор на целта- возрасните се образуваат со цел и сакаат да го применат наученото што е можно побрзо. Тие сакаат информациите да им се презентираат на организиран, систематизиран начин со клучните елементи кои се јасно дефинирани. 7. Фактор на релевантност- возрасните сакаат да ја познаваат причината поради која нешто учат. Тоа треба да биде применливо или на професионалниот или на личниот живот. Поради тоа едукаторите, при дефинирањето на целите на програмата треба да обрнат внимание на тоа теориите и концептите да се релевантни за потребите на оние кои учат. 8. Фактор на навики- возрасните често поседуваат навики кои понекогаш се во спротивност од она на што сакаат да ги подучуваат. Тогаш се јавува отпор и намален степен на флексибилност, па е потребно да се вложи повеќе време и уверување во исправноста на информациите кои се презентираат/ подучуваат; во спротивно, возрасните можат да се почувствуваат загрозени и нападнати во границите на нивните сигурносни зони. Поради тоа, на возрасните треба да им се даде на знаење дека нивните установени идеи и мислења имаат вредност и тежина. 9. Фактор на промени- додека некои возрасни ги мотивираат промените, други, пак, им се спротивставуваат. Учењето обично бара промена на ставовите, уверувањата, формите на однесување и начините на дејствување. Затоа е важно на возрасните да им се објасни секое Зошто? и Како? во процесот на подучување на нови информации. 10. Фактор на почитување- сите заслужуваат почитување- возрасните тоа го очекуваат и бараат. Почитувањето може да им се искаже на начин да им се допушти да ги искажат нивните идеи и мислења. Образувањето на возрасните дава делотворни можности за создавање на саканите промени и преземање на чекори кон саканата цел. Образувањето на возрасните е комплексен концепт кој во себе носи години на истражување, научни сознанија и широка практика. За практиката да биде делотворна и за да дава ефикасни резултати е потребно да се знае и да се разбере многу повеќе од горе наведеното. Оти образованието на возрасните е одговор на барањето на управите, менаџментот, целите, мисиите и визиите на фирмите и организациите, и е само дел од концептот на целоживотното учење- културата на животот и однесувањето кое се развива од мали нозе во целото општество, со одредени критериуми на квалитетот и професионалноста. Преземено и преведено од: http://www.biznis.hr/
|







Во денешно време се повеќемина возрасни се одлучуваат да направат чекор напред во кариерата или во подрачјето на професионалното усовршување.










