НАСЛОВНА ЛИЧНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА ЕДУКАТОР MODUS VIVENDI AJ VOX POPULI БИЗНИС КЛИМА ВРЕМЕТРАЕЊЕ КРЕАТИВЕН РАКОПИС
Home Home ЕДУКАТОР Астро-гео За „седумте светски чуда“
За „седумте светски чуда“ Печати Е-пошта

Седум светски чуда„Седум светски чуда“ е назив за некои монументални градби и скулптури од стариот век. Античките писатели обично спомнуваат седум, но сите не наведуваат исти градби.

Најчесто во „светските чуда“ се вбројуваат: Родскиот колос, Артемизиј, олимпискиот Зевс на Фидиј, египетските пирамиди, Сфингата кај Гизех, Фарос, Мавзолејот и висечките градини на Семирамида.

Родскиот колос е кип од позлатена бронза, висок 32 метра, подигнат на влезот во пристаништето во Родос, во спомен на јуначката одбрана на островот во 304-та година пред н.е. Го создал Харес од Линд, а неговото создавање траело 12 години. Кипот го прикажувал богот Хелиј-Сонцето, заштитник на градот, а служел како светилник. Урнат е во земјотрес во 224-тата година пред н.е.

Артемизиј е мермерен јонски храм на грчката божица Артемида во Ефес, изграден помеѓу 6-от и 5-от век пред н.е. Должината на храмот изнесувала околу 110 метри, а широчината 50 метри. Покривот го носеле мермерни столбови со дебелина од над 2 метра, под кои се наоѓале низа релјефи. Во 365-тата година пред н.е. храмот Артемизиј го запалил еден манијак по име Херострат, со намера традицијата да му го сочува името. Со ангажман на Александар Македонски храмот го обновил градителот Хирократ, со скулптури го украсиле Скопас и Праксител, а бил и богато насликан. Храмот е ограбен и урнат при инвазијата на Готите во 263-тата година.

Олимпискиот Зевс  на Фидиј е голем кип од злато и бел мермер во храмот во Олимпија во Епида, кој кон половината на 5-от век пред н.е. го направил Фидиј со своите ученици. Го прикажувал Зевс, "таткото на боговите и луѓето", со бујна коса, мустаци и брада, во напонот на мажествената сила, како седи на престолот искитен со маслинови гранки, држејќи во десната рака статуа на овенчаната Нике (божица на победата), а во левата жезло со орел. Кипот бил шест до седум пати поголем од природната големина, а пропаднал во времето на Селидбите на народите. Во поново време се откриени калапи за кои се смета дека се употребувани за леење на металните делови на кипот.

Египетските пирамиди, гробниците на египетските фараони (најпозната Кеопсовата) се во геометриска форма на четиристрана пирамида.

Сфингата кај Гизех е сфинга со тело на лав и глава на фараонот Кефрен, кој е погребан во соседната пирамида. Долга е 73 ипол метри, а висока 20 метри. Направена е главно од еден единствен камен блок. Со текот на вековите таа е значително оштетена, а повеќе пати била затрупувана од пустинскиот песок и повторно откопувана.

Фарос е голем светилник крај Александрија. Се наоѓал на устието на Нил, на островот (сега полуостров) Фарос. Бил посветен на "боговите на спасителите на морнарите". Светлина добивал со палење на смолесто дрво и веројатно минерални стебла. Се гледал од далечина од 50 километри, а го рефлектирале големи конкавни метални огледала кои наводно ги изумил Архимед. Кулата на светилникот била висока 120 метри. Над остатоците на Фарос во 15-от век била изградена турската тврдина Кет Беј.

Мавзолејот е мермерна гробница на карискиот независен сатрап, владетелот Мавзол во Халикарнас, од 4-от век пред н.е. Споменикот е дело на градителите Сатир и Пиреј. Инаку, Мавзол е независен владетел на малоазиска Карија. Својата власт ја проширил на подрачјата на Јонија, Лидија и Ликија. Давајќи им помош на грчките градови Бизантион, Хиос, Кос и Родос, од 357-ма до 355-та година пред н.е., тој стекнал власт над Родос и Кос. Се оженил со својата сестра Артемизија која ја довршила градбата на неговата гробница.

Висечките градини на Семирамида се насади и градини на терасите, столбовите и лаковите во Вавилон, за кои грчките историчари, според асирско-вавилонската легенда, тврдат дека ги засадила легендарната асирска владетелка Семирамида.

Бидејќи повеќето од "чудата" од денешен аспект не се никакви чуда (пред се градителски), односно оти "во меѓувреме" се создадени "поголеми" во светот, се прават обиди да се изберат нови, притоа задржувајќи го "магичниот број" седум.

 
Банер

 

Почни го денот со ПАНОПТИКУМ

 
 

 

  Top