НАСЛОВНА ЛИЧНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА ЕДУКАТОР MODUS VIVENDI AJ VOX POPULI БИЗНИС КЛИМА ВРЕМЕТРАЕЊЕ КРЕАТИВЕН РАКОПИС
Home Home ЕДУКАТОР Астро-гео Запознавање: воена геологија
Запознавање: воена геологија Печати Е-пошта

Воена геологија во АвганистанВоената геологија во нашево време доживува несомнен развој напоредно со развојот на воената вештина и воената технологија, како и со развојот на геологијата како воено- применлива наука.  Начелниот метод на дејствување на воениот геолог е присобраните геолошки, географски и воени податоци да ги расчлени и анализира, критички да ги разгледа и синтетизира, имајќи го предвид зададениот проблем и целта. Така обработените информации да ги проследи до оние надредени командни структури кои вршат планирање, подготовка и изведување на воена операција.

Поширок интерес предизвикува кога се промислуваат конкретни воени активности во светот, како што е „извоз на демократија", а всушност вона операција за освојување на терени со потврдени или потенцијални енергетски и други богатства (руди, минерали, благородни метали итн.)

Геоморфологијата ги проучува природата, настанувањето и еволуцијата на релјефот имајќи ги предвид физичките, хемиските и геолошките процеси кои го создаваат и менуваат релјефот. Геоморфолошките облици кои го прават релјефот создаваат околина во која се изведува воена операција, па со оглед на своите геолошки, геотехнички и топографски карактеристики влијаат врз движењето, огненото дејство и маневрирањето на воените единици.

Воените стручњаци односно стратези најнапред посочуваат дека влијанието на земјиштето врз воените операции главно зависи од топографијата на теренот, потоа од геолошкиот состав и од влијанието на подземните и површинските води. Имено, од историјата на војувањето е познато дека земјиштето е важен, често дури решавачки фактор за изведување на воени операции.

Познато е дека воената геологија го посматра геолошкиот состав на теренот како простор на кој се одвиваат воени операции, карпестата маса како медиум во кој се врши утврдување и како материјал од кој се градат различни воени објекти. Во поново време таа се повеќе ја посматра карпестата маса и како медиум низ кој продираат различни видови на проектили и бомби, па ги истражува начините на детекција и разурнување на противнички подземни воени инфраструктури. Притоа се потенцира дека прецизноста и ефективноста на модерните „паметни" проектили ги прави воените бази на површината на теренот мошне ранливи, додека во подрачје каде што тоа го овозможува геологијата на теренот подземните бази се заштитени под карпести маси чии геотехнички и геолошки својства овозможуваат непробојност, а исто така значително ја намалуваат ефикасноста на различни видови на проектили.

Посебно се истакнуваат предностите и проблемите на пустината. Имено, поради климатските и геолошките фактори таа се смета за изразито тежок и комплициран терен за изведување на воени операции. Нејзиниот денешен релјеф, хидрографијата, па во значителна мера и вегетацијата се одраз на геолошкиот состав на теренот. За релјефните облици во пустината е карактеристично дека во помала мера настануваат со хемиско дејствување на водата, а во значително поголем дел со механичка ерозија како последица на дејствувањето на ветрот (еолска ерозија) или дневните амплитуди на температурата. Компилацијата помеѓу топографските и геолошките карти му овозможува на воениот геолог проценка за теренските фактори на военото поле. Геолошката карта е резултат на студиозна работа на геолози и претставува графички прикажана синтеза на геолошките забележувања на теренот, на лабораторијата во кабинетот и дава информации за геолошкиот состав на земјиштето и структурните односи на подрачјето што го опфаќа. На планерот на воената операција геолошката карта му нуди низа важни информации ако има лице кое може да ги интерпретира геолошките податоци или ако самиот има знаење со кое може логички да ги поврзе сите геолошки податоци во една целина и виртуелно да создаде во главата модел на просторен распоред и временска динамика на создавање на геолошките тела. Мошне често победа на военото поле извојувала страната која подобро го искористила земјиштето.  

Кога француските трупи под заповедништво на Наполеон во 1798- ма година се растовариле во Египет, во нивниот состав се наоѓала група на инженери и научници. Еден дел од  нив им давал поткрепа на француските трупи во рамките на својата струка, а ден дел вршел исклучиво научни истражувања. Клучен елемент за движењето и маневарот на француските трупи во Египет биле географските карти. На Наполеон во Египет му се спротивставила турска војска од 6.000 коњаници, 1.500 пешаци и 40 топови, која подобро опремената и извежбана, технички значително понапредна француска војска ја поразила во судирот под назив „Битка кај пирамидите". Французите го разбиле турскиот напад ранувајќи или убивајќи 5.000 турски коњаници, при што француските загуби броеле околу 300 луѓе.

Наполеоновата кампања завршила во 1801- ва година со пораз на море, кога британската флота под заповедништво на адмиралот Хорациј Нелсон ја потопила француската флота кај египетскиот град Абукир. Потоа Наполеон се вратил во Париз.

Благодарение на резултатите на француските истражувања на подрачјето на археологијата, зоологијата, ботаниката и геологијата, во Париз е оформен „Институт за проучување на Египет", кој му претходел на настанувањето на нова наука- египтологија.

Во текот на Првата светска војна во судирот помеѓу италијанската и австро- унгарската војска на реката Сочи австриските инженерски единици изградиле тунели во карстот. Заедно со карсните фномени (каверни, природни карпи) тие, како и другите фортификации, и овозможиле на австро- унгарската војска предност во тактичка смисла. Принципот на изградба на тунели и формирање на каверни е последица на геолошкиот состав на теренот.

По поразот на италијанската војска во Либија во1940- та година, италијанскиот диктатор Бенито Мусолини го моли Адолф Хитлер за помош на неговата војска во Африка. Германскиот главен заповедник го испраќа во Либија „Африканскиот корпус", а за негов заповедник го поставува искусниот и способен генерал Едвин Ромел. Германското искуство на „Африканскиот корпус" претставува единствен пример при планирањето на експедиционите трупи да немало на располагање доволно време за долготрајна и постапна разработка на ситуацијата и подготовка на единците, туку тие се нашле пред свршен чин на политичка одлука- дека без темелни воени подготовки ќе бидат испратени на друг континент во исклучително тешки теренски услови за да ги спасат сојузниците од целосен пораз. Во кратко време требало да се прилагодат облеките, опремата и техниката за војна во пустински услови. Било потребно одредено време војниците да се прилагодат на климата и околината. Еден од проблемите со кои се соочило германското заповедништво биле мошне лошите и непрецизни италијански воени карти на нивната колонија Либија. Германскиот генерал, подоцна фелдмаршал Едвин Ромел изјавил: „Никогаш во историјата на модерното војување не е преземена воена операција во така тешки теренски услови, а со толку мали подготовки".

Ромел со својот команден состав почнал да собира информации за теренот, а посебно за подрачјето во кое очекувал борбени операции. Тој заповедал извидување и анализа на просторот за да има податоци кои ќе и бидат употребливи на германската војска. На почетокот неговите подредени ги анализирале информациите од различни публицирани трудови за северот на Африка. Информациите од тие трудови имале мошне мала или никаква вредност за проценка на военото поле, зашто биле преоптоварени и не содржеле детални информации за теренот, а кои би биле корисни за единиците на тактичко ниво. Од поголема помош биле заробените британски карти. Како резултат на воздушно извидување на теренот (снимање со авиони) и негово методичко расчленување се создадени карти кои Ромел можел да ги употреби за изведување на воение операции. Во Германија геологијата по Првата светска војна стана составен дел на воената вештина, втемелувајќи го својот развој на искуствата на германските воени геолози од таа светска војна.

Успешното изведување на воените операции предизвикало постојано повлекување на британските трупи, па Ромел го добил прекарот „Пустинска лисица". Тој знаел дека само на прооден терен може да дојде до израз германската доктрина на употреба на тенкови, односно движење, стрелба и маневар. Ја сфатил и добро ја научил лекцијата од италијанскиот пораз во кампањата на генералот Грацијани. Врз основа на тој пораз Ромел заклучил дека во пустинското војување единици кои не се моторизирани немаат никаква шанса наспроти моторизираните единици на противникот. Водата во пустината, а посебно во текот на воени операции, има непроценлива вредност. Снабдувањето со вода им било доверено на инженерските единици кои имале пумпи и опрема а дупчење на бунари. Врнежите во пустината се нередовни и обично доаѓаат во форма на пороен дожд, водата се процедува низ пропусната почва и карпите, а на местата каде што геолошкиот состав на теренот овозможува излегување на водата на површината настануваат оази.

Историчарите и воените стратези главно се согласуваат дека Ромел ја изгубил завршната битка кај Ел- Аламејн поради значително помалите воени сили од британските, како и поради преголемата развлеченост на германските снабдувачки линии. По тој пораз Ромел ја изгубил иницијативата и постапно се повлекувал кон Триполи и подоцна Тунис, настојувајќи да ги консолидира своите сили. По сојузничкото растоварување во северна Африка, во офанзивата против американските трупи ја воочува и напаѓа слабата одбранбена точка на американските единици во клисурата Кесерин, во планинскиот синџир Дорсал. Ромел мудро се користел со теренот и со две оклопни дивизии ги разбил американските одбранбени линии и ја зазел клисурата Кесерин и гратчето Тал. Американците имале илјада мртви и две ипол илјади заробени војници. Потоа уследил противнапад на повеќекратно посилни американски и британски сили со кој Силите на оската се потиснати од Тунис. Во мај 1943- та, по поразот во Тунис, „Африканскиот корпус" престанал да постои.

Искуствата на „Африканскиот корпус" се искористени за подготовка на операциите „Пустински штит" и „Пустинска бура" во 1990- та година за американската војска да ја подобри воената способност за успешно дејствување на единиците во пустински услови. Еден сегмент на тоа настојување се однесува и на примената на геолошките знаења. Службата на американските воени геолози (Section of Military Geology/ US Geological Survey) имала четири темелни задачи: 1) Употреба на географски карти, 2) Откривање на извори и снабдување со вода за пиење, 3) Проценка на проодност на тенкови и проценка на теренот, 4) Лоцирање на лежишта на градежен материјал.

На примерите на Авганистан, Ирак и Пакистан е видливо дека со сместување на воени бази под земја може мудро да се искористи геоморфологијата и геологијата на теренот. И покрај потрошокот на голем број на проектили со различна намена и голема разурнувачка моќ од антитерористичката коалиција, базите на талибанците и Ал Каеда, на пример „Тора- бора" и „Завар Кили", не претрпеа поголеми оштетувања, а човечките загуби се сведени на минимум.

Она што се смета за најважно е при планирањето на изработката на систем на тунели и подземни простории да се спроведе геолошка и геотехничка проценка на теренот и карпите. Во одредени услови изработката на таков тунелски систем нема да биде можна поради инженерскогеолошки, хидрогеолошки и геотехнички услови. Наведените бази се добар пример на искористување на геотехничките специфики на карпите и хидрогеологијата на подземјето, односно на подземните води кои се мошне битен ресурс, зашто водата во водозната зона нема да биде брзо и лесно неочистена со различни РКБ агенси од површината на теренот.

Стручњаците истакнуваат дека Осама бин  Ладен, искусен градежен инженер и претприемач, му стоеле на располагање големи материјални и човечки ресурси за, од судирот со војската на поранешниот Советски Сојуз, па се до 11- ти септември 2001- та година, да изгради низа утврдени подземни бази на локации каде што геоморфологијата и геологијата нудат најдобри услови.

Со развојот на воената геологија, информатичката технологија и воената техника, а посебно по судирите на американската војска со талибанците во планинските подрачја на Авганистан, во литературата во употреба доаѓа поимот „Geologic intelligence" (геолошко известување).

Во поширока смисла тоа претставува примена на геолошки знаења во решавање на различни воени проблеми на тактичко, оперативно и стратешко ниво. Односно, опфаќа анализа на проодност на тенкови на некој простор, проценка на можноста за снабдување со вода за пиење и минерални суровини, корисни совети при утврдување и вкопување на единици, помош при изработка на воени патишта и аеродроми, анализа на сателитски снимки и различни тематски и наменски географски карти, како и детекција и проценка на ранливоста на подземни простории и тунели. За аналитичарот да може да се служи со методите на геолошкото информирање е потребно тој да биде експерт како на подрачјето на геологијата, исто така и на подрачјето на воената вештина. Собирањето на информации се врши со собирање на податоци од цивилни и воени извори. Цивилните се содржани во научни и стручни списанија, архивска геолошка граѓа, во основни и наменски геолошки карти, како и нивни толкувачи, како и во cyberspace. Воените извори потекнуваат од снимки на беспилотни летала, авиони и сателити, како и од податоци на извидници на терен. Во некои сегменти таквиот начин на прибирање на податоци и анализа на материјалот е мошне сличен на методите на работа на економскиот стручњак на подрачјето на деловното информирање (bussines intelligence), кој во денешно време е составен дел на економскиот тим на секој сериозна фирма. Разликата е што во првиот случај е збор за анализа на воен фронт, а во вториот за анализа на пазар и деловни информации.

Студената Војна го промени фокусот на воената геологија и прикажа нови предизвици за воените геолози. Развојот и тестирањето на нуклеарните оружја барале ригорозни истражувања на својствата на карпите при големи притисоци и температури, ефектите на воздушниот удар врз површински материјали како тлото, и бројни други ефекти кои ги предизвикува нуклеарното оружје врз карпите, тлото и другите природни материјали.

Воените градби се сместија длабоко под земја. Силосите за лансирање на проектили и стратешките подземни командни места се заштитени или „зајакнати" со зголемување на длабочината на сместувањето, па точната геолошка проценка на карпите стана пресудна како за сигурноста на сопствениот објект, исто така и за проценката на ефикасноста на нуклеарниот арсенал против непријателските зајакнати објекти.

До кајот на 20- от век развојот на подземни објекти сместени во различна геолошка околина, со различни геолошки карактеристики, претставувал голем предизвик за војската на САД и, се разбира, за воните геолози. На пример, проценето е дека само вдолж Корејската демилитаризирана зона лжат повеќе од 1.000 подземни објекти.

Според податоците на „Nuclear Posture Review" од 2001- ва година, а кои ги изведе Министерството за одбрана на САД на барање на Конгресот, „повеќе од 70 земји денес користат подземни објекти (UGF) во воени цели...постојат повеќе од 10.000 UGF ширум светот...приближно 1.100 подземни објекти содржат стратешко оружје од типот WMD, балистички проектили, бункери за командување или echelon C&C". Додатните информации од „Defense Intelligence Agency" откриваат дека тој број пораснал на повеќе од 1.400. Многу од тие објекти содржат WMD, и тоа се Ал Сафир објектот во Сирија, нуклеарните објекти сместени во иранските градови Натанз, Исфахан и Паршинин, како и Хагап и Кумшанг- ри објектите во Северна Кореја.

Подземните објекти станаа важен дел од одбранбената стратегија во многу земји.

За среќа, сите подземни објекти имаат своја Ахилова пета. Каде било да се закопани, под стотици метри во почвата или сместени длабоко во планини, UGF се поврзани со површината и надворешниот свет низ мрежа на вентилациони отвори, канализација, струјно напојување и комуникациски системи. Поради тие врски, кои го откриваат присуството на UGF, дизајнерите се обидуваат да преземат чекори за маскирање и криење на постоењето на таквите објекти, посебно од страна на сателити и останати извидничко- шпионски сензори. Таквото прикривање натаму ги комплицира можностите за детекција на подземните објекти. Натаму, и ако се открие таквата позиција, извидничките средства остануваат ранливи на бројни техники на измамување кои имаат за цел да ги скријат или погрешно да ги прикажат големината, локацијата и активносите што се одвиваат во рамките на подземниот објект.

Continuity of Government (COG) програмата е програма која обезбедува преживување на есенцијалниот дел на владата и водачите на владините установи во случај на сериозна криза. Во поранешна Југославија постоеја низа објекти од Словенија, Хрватска, БиХ (АРК- Атомска Воена Команда за сместување на Тито и целата воена свита), Македонија (Јасен) итн. Во САД таков проект е покренат во 1960- тите поради се порастечката загриженост од можна нуклеарна војна, каде што COG требаше да обезбеди спас од катастрофа, итна помош, работа на полицијата, како и информациски услуги за општото население. COG исто така ги одржува подземните објекти чија цел се заштита на претседателот, членовите на кабинетот, како и нужниот персонал на владата во случај на напад или катастрофа.

Една од најтајните операции на COG програмата е одржување на тн. „Кабинет од сенка" (Shadow Cabinet). Shadow Cabinet се состои од обучен персонал, доделен од страна на претседателот и кабинетот, со цел на резервна влада во случај на катастрофа со големи размери. Тој функционира на сигурна COG локација и досега никогаш не е користен.

COG плановите исто така вклучуваат физичка заштита на владините тела. COG сигурниот објект е конструиран во фази, почнувајќи од 1940- тите. Широката серија на подземни бункери, кои ги содржат сите потреби на помал град, е изградена во планините на Вирџинија. Објектот, попознат како Mount Weather, е еден од серијата на регионални „Crisis Relocation Facilities", односно објекти за релокација во случај на криза. Командните центри за „Federal Emergency Management Agency" (FEMA) и „National Emergency Coordinating Center" се сместени длабоко во карпестите структури. Останатите објекти карактеризирани како COG сигурни позици вклучуваат неколку воени бази, како и Air Force One, претседателовиот авион.

Со завршувањето на Студената Војна COG операциите и објектите се насочуваат на новите закани односно заштита од тероризам.

Неодамнешното создавање на „Department of Homeland Security" (DHS) односно „Оддел за татковинска сигурност" ќе ги измени моментните планови на COG. DHS доби власт над администрацијата на плановите на COG, како и одговорноста над многу агенции. Новите насоки ќе помогнат во надзорот на локалните и државните COG планови и ќе обезбедат таквите планови да гарантираат функционирање на владата, судството и полицијата во кризни случаи.

 
Банер

 

Почни го денот со ПАНОПТИКУМ

 
 

 

  Top