| Мултикултура или интеркултура |
|
|
|
Отсекогаш било, е и ќе биде: најопасно за човековиот опстој, и како единка и како член на заедница- општество- држава, е непознавањето- незнаењето. Меѓу другите тешки последици што тоа ги остава во долг период се инфериорноста- фрустрираноста, манипулацијата- шпекулацијата, малограѓанштината, медиокритетството, егоизмот и (само)изолацијата (се разбира, има и други „слични“ на нив, но во однос на темава се доволни наведените). Кога станува збор за „мултикултура“, се соочуваме токму со непознавање односно незнаење на нејзиното основно, поимно, терминолошко, поточно категоријално значење. Затоа и „необично“ (читај: смешно, па и ступидно) звучи заложбата за развој и афирмација на Република Македонија како „мултикултурна држава“. Притоа не разликувајќи држава од општество, бидејќи, кога би се знаела разликата, би се знаело дека таква држава ниту имало, ниту има, ниту може да има; а имало, има и секогаш ќе има „мултикултурно општество“; може ли една човечка заедница да биде поинаква, не мултикултурна?). Исто така, имајќи го предвид претходното во заградите, „необично“ (читај: смешно, па и ступидно) звучи и заложбата за развој на „мултикултурно општество“, како нешто посебно, специфично, во утврдени граници односно „рамковно“. Што се подразбира под „мултикултура“? Која, чија култура е, а која, чија не е „мултикултурна“? Дали француската, англиската, германската, шпанската култура (и на други големи народи) не се мултикултурни во „сопствени рамки“, но и (или) како дел од светската „мултикултура“? Познавате ли некоја „немултикултурна“ култура во светот односно еднокултурна, оригинална, автохтона, сосема различна од другите? Националните култури се такви? „Мултикултурноста“ подразбира „многу култури“ односно една со многу „поткултури“ (не во смисла на мали или големи), но никако не интегрирани, не како една. Светските интегративни процеси во која било област не подразбираат вклопување, втопување во едно, туку она што е извонредно прецизно дефинирано како евроинтеграциски процес: единство во различностите. Тоа не е суштина не на мултикултурноста, туку на интеркултурноста („интер“ е предлог кој се појавува како префикс во сложенки со значење „меѓу“, „помеѓу“; „мулти“ е префикс во сложенки со значење „многу“, „повеќе“). На пример, токму во овој контекст немирите во предградијата на Париз и други француски градови (на крајот од 2005-тата) слушавме заклучок дека мултикултурноста е дефинитивно невозможна. Што е мултикултурно? Тоа е многукултурно, повеќекултурно од едно. Со други зборови, неколку културни процеси, движења, правци и сл., кои не се и не можат да бидат специфични за една или неколку култури. Тоа се, на пример, правците во уметноста (импресионизмот, кубизмот итн.), правците во книжевноста (надреализмот, постмодерната), културното наследство воопшто (како пластови на минатото). Македонската култура и уметност (на македонската нација или според ступидните рамковни решенија во нашиот Устав на „мнозинската заедница“) е мултикултурна во оној (голем) дел што е прифатен, преземен, вграден од други соседни или несоседни народи и малцинства (заедници), односно од светското културно наследство. Нејзините специфики, како код, знак, сопство, како конкретно дело- творештво, не ја издвојуваат, уште помалку ја изолираат од другите, туку и овозможуваат да биде рамноправен дел од културата и уметноста на човечката заедница, на светската цивилизација (се подразбира и на помали „рамки“- балканска, европска култура). Токму со нивното препознавање, афирмација и валоризација и се овозможува (и овозможуваме) да биде интеркултурна, да биде дел од единството на различностите. Грешите ако помисливте дека кажаното досега е некое посебно познавање односно стручност. Тоа можете да го прочитате (во редови, но особено меѓу редови) кај многумина културолози- теоретичари на културата, естетичари, всушност кај сите големи, светски човечки умови, творци, во нивните дела- творештва. Впрочем, прашајте кој било творец- создавач (во која било област) кому му го наменува своето дело, па по неговиот одговор ќе немате потреба од додатни прашања. Она што е можеби ако не најважно сигурно едно од најважните во нашиов актуелен миг, кога станува збор за културата, за културното творештво, е настојбата да градиме не мултикултурно, туку интеркултурно општество. Тоа, меѓу другото, значи: не културно да живееме и создаваме едни покрај други, туку едни со и едни за други. Како различни во единството! |







Непознавањето на основното значење на еден термин или категорија може да доведе (често доведуваше во минатото и доведува во сегашноста, и кај нас и во светот) до вистинска збрка, замаглување- заматување на нештата од стварноста, па и погрешно насочување на севкупен растеж на една држава и севкупен развој на едно општество. И тоа со тешки, дури трагични последици за човечката заедница воопшто (на пример нацизам, фашизам).













