|
Не мислам дека почетокот на секое дело е важен, најмалку најважен. Не е тоа ниту крајот. Кој крај? Кое било дело има крај?
Да, убеден сум, сигурен сум дека од се е најважно продолжението. Особено кога има крај, кога е прекинато поради немање здив, поради немање енергија или идеја да се продолжи.
Тоа е исто како со времето минато, сегашно и идно. Продолжението на минатото во сегашноста не е враќање- навраќање, исто како што двете некој сигурно ќе ги продолжи во иднината.
Да, сметам дека во создавањето, во кое било творештво е најважен континуитетот на траењето.
Крајот на кое било дело е во заборавот.
Нема проблем, еве на пример дијалог помеѓу нас за еден почеток:
-Јас не знам ниту како, ниту што, ниту кога, ниту зошто.
-А јас знам се.
-Добро е што сум те сретнал.
-Не ме сретна ти мене, туку јас тебе.
-Тоа е сеедно.
-Не е. Ако ме сретнеше ти мене, ќе почневме порано, а не сега. Добро е што јас те сретнав.
-Зошто порано? Секој почеток е навреме. Во се.
-Мислам на порано од другите. Сега доцниме зад нив и е големо прашање дали ќе ги достасаме. За престасувањето не може да стане ниту збор.
-Напротив, јас мислам дека ништо не значи што сме зад нив, а не треба ни да се трудиме да ги достасаме.Уште помалку да ги престасаме. Затоа што почетоков е само наш. Нивниот си е нивни.
-Забораваш дека во секој почеток има нешто заедничко. Во спротивно не би бил тоа што е.
-Грешиш. Заедничкото е во крајот. Се јавува во продолжението.
По неколкуминутна потрага по изгубеното време (во улога на Марсел Пруст), пак за почетокот:
-Не ми се допаѓа. Требаше да ни биде поинаков.
-Каков?
-Оригинален. Сосема различен од почетоците на другите.
-Па тоа и е. На другите им го препознавам во минатото сосе сегашноста, а на оние во иднината сосе сегашноста преку минатото им е обична имитација на нашиот. Немаат освоено простор. Од друга страна, внатрешната просторност им е матна и затворена.
-А што велиш за уште еден, нов почеток?
-Не велам ништо. Доста ми е од почетоци. Сакам конечно да продолжам.
Продолжија. Во молк и со погледи во крајот: рамнодушност и замин.
|