НАСЛОВНА ЛИЧНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА ЕДУКАТОР MODUS VIVENDI AJ VOX POPULI БИЗНИС КЛИМА ВРЕМЕТРАЕЊЕ КРЕАТИВЕН РАКОПИС
Употреба на песната Печати Е-пошта

Бесплатна сликаДали употребата на песната предвидува нејзино толкување, анализа, навлегување во нејзиното јадро?

Ова прашање го поставувам не како резултат на читање или прочитување на нечија (не некоја) песна, туку пред се како поента на евентуална согласност: со нејзината идеја од една, и со нејзината целосна независност односно тотална слобода од друга страна.

Одговорот, пак, може да биде секаков. И потврден и одречен. Се разбира, повикувањето на значајни искуства може да биде само драгоцено, да користи во обидот да се биде консеквентен докрај. Притоа да не се претендира на детално разградување и дијалог со песната што е предмет за употреба.

(Употребата не се подразбира во некаква преносна или каква годе друга смисла, затоа и не е во наводници, туку како направен предмет, како применета уметност.)

Поставеното прашање  е поврзано пред се со обидот за комуникација со светот на песната. Имено, доколку го имаме сознанието дека песната е збир на искуства, синтеза и воопштување, дека изразува рамнотежа, „затворена хармонија“ (Ј. Прокоп), разјаснувањето на песната е неможно докрај. Невозможно е нејзино целосно толкување. Треба да се согласиме оти токму тоа-толкувањето песната малку може да ја потврдува во вредносна смисла. (Толкувањето е само по себе уметност.)

Овде наметливо ни доаѓа следната размисла на Ришар Хантер Фогл:

„Искрено земено, сметам дека добрата песна треба на различниот материјал да му наметне имагинарно единство; треба на некое сложено човеково прашање да пронајде задоволувачки одговор; треба со посредство на уметничката форма да ги поврзе интелектуалните, чувствените и сетилните поетови искуства“.

Постои една интересна релација што ја поставува секоја песна која предизвикува, нуди некое „задоволство во текстот“ (Р. Барт), помеѓу употребата на песната и личното расположение: дали песната како „независна градба“ (К. Брукс) може да се употребува во зависност од личното расположение?

Најнапред, веројатно треба да се определиме во однос на терминот „употреба на песната“, за потоа полесно да одговориме на поставенава релација, а која, пак, е непосредно поврзана со она на почетокот од овој текст.

Размислувањето може да се движи во следнава насока:

Во едно глуво доба, кога само ви се присторува празнината пред вас, кога во една искра ви минува сето насобрано искуство, ви доаѓа песна. Доаѓањето е всушност посакувано, намерно, како акција или активитет.  Бидејќи во такво расположение ви е потребен еден поинаков говор (избрана лексика, метафори, други стилски фигури итн.), без особен напор ја воспоставувате „првичната“ комуникација. Со други зборови, започнувате дијалог со песната  што, од своја страна, ви овозможува да влезете во неа (како во празна и пространа соба ), дури и како само ваши простор и време. Таа е се уште непозната, се дотогаш додека целосно не и се предадете, додека не ви успее да се „скриете“ во нејзините „пазуви“. Потоа, конечно, песната ќе ја употребувате се дотогаш додека празнината пред вас или веќе во вас е со вашите простор и време.

Употреба во просторно-временски исечок или во непрекинато траење? Дали е возможна постојана употреба, секогаш кога ќе ви затреба?

Не! Затоа што личното асположение кое таа-песната, меѓу другото, го изразува, заедно со сопственото, трае само малку пред нејзиното присуство и малку по него. Исто како, откако ќе прочитате некоја страница од книга со возбудлива содржина, веќе не сте во состојба да продолжите, па ја одлагате на местото во вашата библиотека кое одамна го освоила.

Еве што вели веќе спомнатиот Ролан Барт:

„Задоволството во текстот е оној момент кога моето тело ги продолжува сопствените идеи-оти моето тело ги нема истите идеи како јас“.

Употребата на песната зависна од личното расположение? Можно е, но не мора да биде секогаш. Можна е и од колективното. Дури, во средините со силни, самосвесни и независни индивидуи многу повеќе. Особено кога се поставуваат или се реализираат заеднички цели и интереси.

 
Банер

Почни го денот со ПАНОПТИКУМ

 
 

  Top