| Ништо случајно во случувањата |
|
|
|
Нема ништо случајно, се се одвива, се се прави, се ни прават замислено, премислено намислено и домислено. Се според однапред утврдено сценарио. Дали сте и вие од тие односно од „оние“ (утврдувачите или реализаторите на сценариото)? За Господинот Случај и за случајноста (контингенцијата) би можеле да зборуваме и пишуваме на долго и на широко, од најразлични „позиции“, а како категории „најмногу“ да ги третираме филозофско-психолошки. Во контекстов на темава само ќе посочиме на некои од многуте филозофски „толкувања“: Во најопшта смисла, под случај се подразбира се она што не се појавува како нужно или намерно и за чие ненадејно настапување не може да се наведе никаква причина. Со други зборови, имајќи го предвид „нормалниот“, општиот каузален тек на нештата и настаните, нешто сосема неочекувано, што очигледно отстапува и за што немаме вистинско објаснение и доволно оправдување. Се изделуваат три значења на терминот случај: она што е небитно (акцидентално), ненужно (контингентно) и ненамерно. Случајот може да биде апсолутен (слободен, своеволен и самоволен) и релативен (поединечен настан кој не може да се предвиди, да се пресмета, претскаже, предодреди, освен само во просек, статистички, како општа веројатност). Секој случај е заснован на одредена претпоставка која токму во тој облик ја овозможува. Ако, пак, случајот е сосема одреден од нужноста, во таа смисла тој е случаен (непредвиден и непредвидлив) само за сознајната свест или знаењето. Спротивно, случајот е секогаш внесување на нешто ново во постојна состојба. Да се негира случајот, тоа значи да се негира можноста од слободна дејност, творештво, слобода воопшто, оти тогаш е се апсолутно нужно и однапред (според нешто друго) одредено и уредено, па ништо не може да се измени (фатализам). Случајното се смета за спротивно од нужното. Најчесто се приведува дефиницијата на Хегел: „Она што може да биде, а може и да не биде, може вака, но може да биде и поинаку, и неговото да биде или да не биде, да биде вака или онака, не е зансовано во него самото, туку во нешто друго“. Контингентно е се она што може да биде вака, но и поинаку, т.е. не постои внатрешна нужност нешто да е или да не е. Може да биде или да не биде. Може да се случува и да не се случува. Нешто што е контингентно во оваа смисла може да биде контингентно логички (кога не му противречи на логичките принципи, ниту од нив нужно произлегува) или физички (кога ниту им противречи на природните закони, ниту од нив нужно произлегува). Досега приведеното да се обидеме да го „преточиме“ во нашава стварност, визави случувањава со нас, пред нас, зад нас и околу нас. Дали се „потврдува“ насловот на прилогов, имено дека ништо случајно нема во нив? Побрзо би одговориле со „Да“, никако со „Не“, а можеби за некои конкретни нешта со „Делумно“. Особено кога станува збор за нашава економско-политичка, економско-социјална ситуираност. „Делумното“ се однесува на некои (повеќето, не сите) во политиката, економијата, социјалата, културата, образовно-едукативната сфера, особено во спортот, особено во „криминогено-коруптивното“ владеење итн. Значи, имаме (делумно, но многу) контингентни луѓе во политиката, економијата и во другите наведени и ненаведени области. Затоа само ни се чини дека „ни се случува“ тоа што се случува. Сценарио? Да, веројатно, можеби, ама е речиси невозможно навреме да се „прочита“ или однапред да се „догледа“ како снимен филм од документарна пррирода. Речиси, затоа што има помеѓу нас кои се „видовити“, па им се „случува“ навреме да „прогледаат“ (но за жал не се многу на цена со таа своја „надареност“), но и од оние (особено во бизнисот и политиката, односно во бизнисполитиката-како симбиоза) кои имаат „смисла“ за антиципација. Да доречам: Тешко и на онаа држава-државичка со која владеат, раководат, манипулираат, шпекулираат (ја „играат“ и крадат) случајни-контингентни луѓе, кои се од други пронајдени, ставени-поставени „за потребни“ како такви. На таквите не им се пишува (не им е пишано) ништо друго, освен контингентност. Тешко нам со такви. |







На оние што внимателно и будно, што ќе рече „со отворени очи“ ги следат секодјневните настани и случувања на индивидуален, но и на општествен план, не ретко, да не кажам често, „им се случува“ да констатираат загрижувачки:













