| За критичката свест и самосвест |
|
|
|
Напротив, критичката самосвест кај авторот, во него, ја претпоставува свеста за она што го прави, што го создава. И едната и другата се потврдуваат во задоволството или незадоволството од резултатот.
Притоа, задоволството значи крај на ангажманот (како нов почеток), односно пренасочување на творечката енергија во друг правец, кон друга цел (ново дело). Незадоволството, пак, значи или продолжување или одново почнување за да продолжи. Да, свеста и самосвеста се најповрзани со задоволството и незадоволството на авторот. Колку можам да бидам задоволен од она што сум го направил, што сум го создал? Погрешно. Не колку (малку или многу сеедно), туку дали и до кога можам да бидам задоволен. Дали сум задоволен? Се разбира, и затоа по создаденото ниту сум почнал нешто ново, ниту сум продолжил од него. И она што сум го почнал, го почнувам, е само можен почеток, којзнае дали оној вистинскиот. До кога ќе бидам задоволен? Не знам, но знам друго: дека, како и на многумина други како мене, тоа- задоволството не ми трае долго. Незадоволството е многу, многу подолго (да не речам постојано, трајно). Впрочем, не е ли тоа она поттикнувачкото за откривање, осознавање и создавање (токму според тој редослед)? Незадоволството заедно со сомневањето. Меѓутоа, за критичката свест и самосвест е можеби поважно она со вредносниот критериум. Вообичаено е тоа врзување, особено на планот на поширокиот интерес- поставување, втемелување на систем на вредности и негова постојана надградба. Вредносниот критериум е предуслов за системот на вредности, без оглед на кое развојно ниво да е. Тој, пак, ги претпоставува, ги предвидува критичката свест и самосвест, се разбира личните, индивидуалните. Чија критичка свест и самосвест, чиј вредносен критериум пред се? На авторот- творецот или на вреднувачот на неговото дело- творештво? Јас би рекол подеднакво, на едниот и на другиот, и на исто ниво. Ако не е, ако не биде така, тогаш се јавува инфериорноста кај едната страна која, пак, раѓа агресивност и несоодветна валоризација (за ревалоризација не може да стане ниту збор).Тоа е причината за недостиг или непостоење на критика. И обично, супериорноста е на страната на авторот на делото односно творештвото. Притоа одново се наметнува, се актуелизира релацијата создавање- создадено, процес- дело. Дали писателот е најдобриот критичар на сопственото дело? Јас велам: откако ќе го заврши- да. Меѓутоа, може ли тој да одговори на едноставното прашање: Кое Ваше дело, Господине писател, го сметате за завршено? |




















