| Помеѓу рационалното и ирационалното |
|
|
|
Ако својот опстанок, својата конструкција и својата перспектива ги гради врз систем кој го преферира волунтаризмот, и тоа за сметка на критичката валоризација и животната реалност, тогаш тој свет не е доследен на самиот себеси и не може рамноправно да кореспондира со светот на идеите, инвенцијата, напредокот. Таквиот свет станува повеќе ирационален и за оние што се во него и за оние што го опкружуваат. Рационалното отстапување пред агресивноста и афектот, пред личната а,биција и параноја. Разумот ја губи својата владеечка позиција, паѓаат одамна утврдените вистини во името на некои нови сознанија, без поголема и поцврста аргументација. Способноста на мислењето отстапува пред неспособноста да се размислува за консеквенциите. Ирационалната свест не ги содржи во себе интелектуалните критериуми. Напротив, во објаснувањето на светот и човекот, на постапките особено во решавачките моменти, се поаѓаод тн. Нерационални аспекти на духот, како што се волјата, интуицијата, а не законот на логиката. Нејзината неразумност ги потиснува целисходноста и практичноста на животот. Ирационалната свест не го консултира искуството, туку напротив, најчесто го негира за да не и биде сопоставено во остварувањето на поставените цели. Ирационалното му се спротивставува на мислењето, на размислувањето, па нештата ги прифаќа во својата даденост, такви какви што се, без обид за нивно прогресивно менување. Тоа е логички неодредено, недефинирано, или во својата реализација ја деструира свеста, а како крајна консеквенца го уништува достоинството на човековото живеење. Сето тоа на свој начин го потврдува и ирационализмот како филозофско стојалиште. Тоа ги инволвира различните модификации, како сфаќањето дека „1) покрај рационалното сознание, па и во него, постојат како еднаквоправни неизбежни фактори значајни ирационални сознајни можности (емоционалното мислење, инстинктот, интуицијата, металолгичкиот став), или 2) дека покрај разционалното сознание ирационалното претставува сознание од повисок ред (супрарационално) со подлабок, пореален дофат или, најпосле, како најекстремно стојалиште, 3) кое целосно ја отфрла вредноста на рационалното сознание и го признава ирационалното како единствена сознајна можност (антирационализам)“. Нашата конкретна стварност, она што се случува и ни се случува, ја потврдува се поголемата доминација на ирационалното над рационалното. Не е само војната доказ за тоа, туку и сето она што настанува како нејзина резултанта: економскиот колапс, економската блокада, меѓунационалната омраза, националистичката страст, но и однесувањето и истапите на одделни личности од политичкиот живот. Всушност, рационалноста претставува разумност, но едновремено и хармонизирање на случувањето и човековиот активитет, на настаните и луѓето што ги инспирираат и насочуваат. Позитивните аспекти на рационалното однесување се одраз на динамизмот на животот и светот, на конкретните ситуации и проблеми, заедно со нивното решавање. Тоа потиснува, па дури и анулира секаква мистификација на стварноста. Интелектуалната моќ ги совладува примитивната свест, незнаењето и неспособноста, односно не им дозволува јавна промоција, ослободувајќи ја творечката енергија пред се, и афирмирајќи ја хуманизацијата на живеењето. Разбирањето на светот му претходи на секој индивидуален активитет. Есенцијалното доминира над маргиналното. Едноставно речено: нештата се таму каде што треба да бидат, луѓето се оние што се, и според талентот, инвентивноста, творечката енергија, знаењето, спсобноста се таму каде што можат да бидат, каде што им е местото. На ирационализмот како филозофско учење му се спротивставува рационализмот. Тој претставува сознајнотеоретски правец кој „теоретските и практичните проблеми ги посматра и ги решава од стојалиште на умот (разумот, мислењето), наменувајќи му притоа решавачка улога и значење, а занемарувајќи се што е под разумот (емпиријата, историските остварувања), над разумот (супрарационалното), и надвор од разумот (ирационалното)“. Разумот го смета за извор на сознанието и основа на неговата логичка вредност. Го нагласува и искуството како поттик разумската способност да дојде до полн израз. Интересно е и посочувањето на рационализмот во етиката без оглед на преценувањето на важноста на разумот за моралното дејствување на човекот, сметајќи го како доволен само рационалниот увид во она што е добро, а занемарувајќи го влијанието на емоционално-волевите моменти, односно интелектуализмот. Притоа, често се наведува Сократовата мисла дека „крепоста е знаење“. Рационалното е во својата суштина морално, а во својата конкретност конзистентно. Помеѓу рационалното и ирационалното се наоѓа нашиот активизам сфатен во својата поимност: како разумно и постојано влијание на човековото знаење и желба врз културата и животот воопшто“, како „етичко барање човек да не смее да мирува се дотогаш додека човековата природа, со неговото постојано настојување, не стаса до целосно самосознавање и самостојност“. Помеѓу рационалното и ирационалното се наоѓа човековата творечка енергија. |







Не е проблемот само во толкувањето на светот за тој да се прифати или менува, туку се работи и за местото на индивидуата во него и како тоа место да се оправда. Особено кога тој свет станува се повеќе ирационален, несфатлив и неприфатлив со своето однесување, со својата смисла и бесмисла.













