| За отвореното дело |
|
|
|
Во прашање се два вида на уметнички дела кои со право можат да се назначат како отворени: прво, готови, од уметникот завршени, докрај изведени дела, кои сепак остануваат отворени за извесни односи што самиот читател или слушател ги открива или избира, но и таа можност во принцип веќе се наоѓа во интенцијата на самиот уметник; и второ, дела во движење, кои единствено во строгата смисла на зборот можат да се наречат отворени, а чија битна карактеристика е повикот упатен до набљудувачот делото да го создава со уметникот, да го прифати, да го продолжи и доврши, како можност што самиот уметник не ја остварил.
Отвореното дело го карактеризира неодреденост на соопштението, недовршеност на формата. Тоа е двосмислено или дури многусмислено, без дефинитивна порака, без нужниот и предвидлив крај. Тоа е „поле на можности“, изложено на слободен, но не и произволен избор и интервенција на читателот или слушателот. Меѓутоа, отвореното дело не е само „епистемолошка метафора“, како реакција на уметноста на состојбата на модерната научна свест, како што мисли Еко, туку е една можна онтолошка одредба на делото. И тоа на секое вистинско уметничко дело што е отворено, низ светот кој го претставува, за битни прашања на човековиот опстанок и за вистината на самото битие. Тн. фундаментална поетика и Новата критика укажуваат токму на тој вид на отвореност на уметничкото дело. Творецот на нашево време секое свое отворено дело секогаш го започнува со прашањето: „Како да започнам за да не го завршам?“ Ако го нема одговорот, не го започнува. |

















