|
А спокојот длабоко во нас
Дури сме на сценава
треба многу да се молчи
како да сме заедно сами
а всушност само јас
на ова дно од сомнеж и студ
дека може да се случи нешто крајно
од небово покриено со темни облаци
од просторов што го носат
виулици и молњи
што подалеку од нас
да не закорениме во него
мораме да му ја откриеме намерата на уметникот што ги поставил овие голи карпи и води во садови за цвеќе пред очите на случајните минувачи низ авантурата на неговиот миг.
мислам дека голите карпи ги зел од врвот на ридон пред нас, а водите ги истурил во садовиве за случајно некој да не се сети во нив да стави собрано цеќе од цветната градина во нашите срца.
јас знам колку одвреме- навреме
те предизвикува пој на уморни птици
што ги покриле прозорците на нашата куќа
ни на небо ни на земја
да редиш метафори и знаци
како оваа за цветната градина во нашите срца
ама сепак воздржи се колку можеш
додека сум само јас
на ова дно од сомнеж и студ
но нели не очекуваме никого? ниту да ни се придружи, ниту да не следи во чекор? најмалку, пак, олку непознати во светот на детските дребулии и дребностите од третото доба?
не очекуваме никого а сите наши
и сите на нашите а за нас непознати
се збрани за следниот чекор
да го направат макар со болка в очи
на ова дно од сомнеж и студ
(http://www.biblika.dimitrovski.net/)
|